Утрински Весник
Македонија

Во време на битка со пожари, постојано горат и поголем број депонии низ државата – 24info.mk

Img 20240815 101328 517.jpg

Интегрален текст од соопштение за јавност на ПП Левица:

Во време на континуирани пожари на различни локации низ државата, до Левица – Зелен сектор постојано пристигнуваат нови пријави за запалени депонии ширум државата. Ваквите пријави најчесто доаѓаат после соодветни пријави до надлежните органи, за кои државните институции не презеле никаква реакција. И покрај еколошката катастрофа која ја зафати Македонија ова лето, властите никако да ја научат лекцијата!

Претходно од страна на нашите ограноци имаше реакции за запалени депонии, кај Вардариште, во Ново Лисиче, околу тетовски, велешко и на други локации, а последната пријава е дека постојано се пали депонијата кај Свети Николе, која се наоѓа на километар од неодамна опожареното село Немањици – регионот кој до неодамна се соочуваше со катастрофални пожари. Ваквите инциденти не само што го загрозуваат здравјето и безбедноста на локалното население, туку го продолжуваат и циклусот на еколошки и здравствени кризи.

Проблемот со депониите не е нов! Ова е проблем низ целата земја, што произлегува од недостигот на соодветен надзор и неефикасно управување со отпадот. Во услови на отсуство на ригорозни мерки и на контрола, депониите претставуваат постојан извор на загадување и потенцијална опасност од пожари. Секогаш кога ќе се запали депонија, луѓето од засегнатите региони, како што е Свети Николе, се принудени да дишат токсичен воздух, што сериозно го загрозува нивното здравје.

Она што е уште поалармантно е фактот дека ваквите пожари се често резултат на ненамерен пропуст или немарност – нешто што лесно можеше да биде спречено со соодветна превенција и надзор. Наместо да се реагира откако е штетата направена, потребно е да се воведе систем на постојан мониторинг на депониите и да се преземат проактивни мерки за спречување на ваквите инциденти. Ова вклучува инвестирање во инфраструктура, како и воспоставување на ефикасни системи за управување со отпадот, што ќе ја намали зависноста од депонии како единствено решение, каде профитираат само мал дел на луѓе на сметка на здравјето на жителите.

Неопходно е да се разбере дека секоја депонија што се пали е директен резултат на неуспехот на системот и ние сите ја плаќаме цената за тоа! Загадениот воздух што континуирано го дишат граѓаните коишто живеат во близина на депониите е само еден од многуте негативни исходи на овој проблем. 

Време е да се преземат сериозни мерки и да се стави крај на оваа еколошка криза што ја загрозува целата земја.

Можете да прочитате

Дачиќ: Бегството на Рамадани од куќен притвор во Македонија е скандалозно

ССМ: Наќе Георгиев е еден од тројцата судии на срамната пресуда за конфискацијата на Работничкиот дом

Кривична пријава за екс-директорот на ЈКП Гази Баба 2007