Утрински Весник
Македонија

Владата падна 40 позиции на Индексот на активна транспарентност

Vlada.webp.webp

Центарот за граѓански комуникации го објави Индексот на активна транспарентност на јавните институции.

Она што е најзабележително е тоа што Владата како институција која беше прворангирана сега е паднатана 40тото место со 87 % активна транспарентност, додека како најтранспарентна институција е Министерството за одбрана со стопроцентен учинок.

Според иднексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини, заклучоците се следни:

  • Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена за 4 процентни поени (од 76 % на 80 %).
  • Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 79 %. Во однос на лани, кај министерствата нема напредок, а општините се подобриле за 5 процентни поени.
  • Од владините институции, максималните 100 % активна транспарентност годинава ги задржа само Министерството за одбрана, кое четврта година по ред ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност. Владата падна од ланското прво место и 100 % на 40 место со 87 % активна транспарентност.
  • За прв пат годинава, дури пет општини, Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево остварија 100 % активна транспарентност.
  • Својата активна транспарентност ја подобриле 71 % од вклучените институции.
  • Меѓу регионите, Источниот регион ја задржа и дури ја подобри лидерската позиција во однос на другите региони (со 88 % активна транспарентност), додека Скопскиот регион за многу малку ја избегна последната позиција на којашто се наоѓаше со години. Сега, на последно место е Североисточниот регион (со 72 % активна транспарентност).
  • Најмалку информации министерствата објавуваат за своите надлежности (78 % од можни 100 %), а општините за финансиите (67 % од можни 100 %).

Табелата ги покажува резултатите од вкупното рангирање

Инаку, под „активна транспарентност“, како што наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен  карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и друго. Освен од регулативата, активната транспарентност
произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од фондацијата Отворено општество – Македонија.

Можете да прочитате

ЦУК: Изминатото деноноќие четири пожари на отворено, сите се изгаснати

Со нафта од резервите го нормализира јавниот превоз во Скопје

Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија