Утрински Весник
Балкан

КФОР: Подготвени сме да се справиме со сé што може да влијае на безбедноста и регионалната стабилност

20240813171231 Big 730x400 3.webp.webp

Мисијата на НАТО во Косово, КФОР порача дека секое дејствие во врска со отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со албанско мнозинство, и северен, населен со српско мнозинство, мора да се преземе во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Брисел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната изјава за медиумската групација „Коха“, КФОР нагласи дека е подготвен да се справи со секој предизвик кога е во прашање безбедноста и стабилноста на регионот.

„Нема да се двоумиме да се справиме со каков било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, со целосно почитување на нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации“, порача КФОР.

Мисијата на НАТО нагласува дека нејзиниот став во однос на намерата на Владата во Приштина да го отвори мостот и за возила, а не само за пешаци, како што е сега, секогаш бил „јасен, транспарентен и конзистентен“.

„Нашиот став за ова прашање беше јасен, транспарентен и конзистентен цело време. Секоја одлука во врска со отворањето на главниот мост на реката Ибар треба да биде донесена во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, што ние целосно го поддржуваме. Никогаш нема да шпекулираме за никакво хипотетичко сценарио“, изјавија од КФОР.

На прашањето колку е променето присуството на оваа мисија на митровичкиот мост во последните неколку недели, откако се интензивираа најавите на Владата на Албин Курти за отоврање на мостот, КФОР изјави дека има постојано присуство на мостот и продолжува да врши редовни патроли во околните области.

Против отворањето на мостот се косовските Срби и официјален Белград, но и меѓународната заедница, Европската Унија, амбасадите на САД и на западните земји во Косово, кои осудуваат секаква еднострана одлука на Владата на Курти и бараат статусот на мостот да се реши во рамки на дијалогот меѓу Приштина и Белград со посредство на Брисел.

Можете да прочитате

Во Србија продолжува штрајкот на вработените во образованието

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад