Утрински Весник
Македонија

Младите бегаат подалеку и од мотика и од политика

C354eaa2 6b32 451e B305 5878df5746d1.jpeg

Светот денеска го одбележува 12 август – Меѓунардониот ден на Младите, а во Македонија е понеделник. Вака младински активисти го коментираат одбележувањето на Светксиот ден на младите во нашата држава.

Сепак, реалноста е таква што грижите се побројни отколку причините за славје.

Со еден од највисоките проценти на невработеност и на иселување во Европа, Македонија не се профилира како посакувана држава за младите.

Иселувањето на младите не е новост, тоа е редовна состојба веќе децении наназад, но она што е новитет во последните години е фактот што постојано се намалува возрасната граница кога еден млад човек (најчесто) неповратно ја напушта својата татковина.

Се бега од мотика но и од политика

Струмичко Ново Село е едно од најголемите села во југоисточниот регион, но и село каде миграцијата е една од најголемите.

Ценарот на селото на почетокот на август е преполн – во локалите и кафеаните се бара место повеќе. Исто е и со паркинг местата кои се запоседнати со нови скапи автомобили со италијански, швајцарски и германски регистарски таблички.

На километар два подолу, малку подоле од главната улица, неброени ниви остануваат необработени. Нивните сопственици се или починати или премногу стари за да работат, а нивните наследници се оние со автомобилите од сред село.

Плодната почва во струмичкото поле, субвенциите, пристапот до ИПАРД програмата и европските фондови се чини дека не се нималку интересни за младите од овој регион.

Тие, како и огромен број нивни врсници повеќе сакаат да живеат во Германија, Швајцарија, Италија, САД, Австралија…

Со родниот крај сега за сега ги врзуваат само овие десеттина денови во летото каде ќе го поминат својот одмор, фалејќи се или шалејќи се како е да се живее „на запад“.

А веќе од септември, во селото ќе останат повозрасните жители и дузина млади кои се уште не собрале храброст да заминат.

Нивите и полињата ќе останат празни, затоа што младите бегаат од мотика…

…а бегаат и од политика.

Денес, во 2024 година младите многу малку, речиси и воопшто не се вклучени во процесот на одлучување како на централно, така и на локално ниво.

Иако во годините зад нас постоеја иницијативи, пилот проекти и стратегии, сепак сето реализирање многу повеќе останува само на хартија отколку што во пракса се реализира и функцинира.

Младите како да загубија интерес и за политички ангажман. Показател за тоа е што во актуелниот пратенички состав само двајца пратеници се под 29 години возраст. Во главните политички партии со години нема „свежа крв“ на млади функционери, а младинските партиски подмладоци, никако да продуцираат кадри кои скалило по скалило ќе се искачуваат во политичката хиреархија.

Како понатаму?

Стефан Васев, асистент на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во изјава за 24инфо.мк вели дека причините за масовното иселување на младите се повеќеслојни.

Повикувајќи се на разговори со своите студенти, Васев смета дека погледот на младите кон сопствената држава не е ниту малку позитивен, па и оттаму желбата што побргу да се напушти својата татковина.

„Според мене, незадоволството од целокупниот општествен систем е еден од клучните фактори за иселувањето на младите од државата, а не финансиите или неможноста да се најде работа, тоа можеби било одлика од порано, денес состојбата е променета. Загрижува фактот што веќе подолг период не се преземаат никакви конкретни чекори за да се подобри оваа алармантна состојба. Кога зборувам за конкретни чекори не мислам на инстант решенија, туку за системски креирани политики кои ќе почнат да даваат резултати можеби и по 5 до 10 години, но за тоа во моментов не гледам политичка волја. Истовремено, секоја година опаѓа бројот на запишани студенти на факултетите низ земјата, тоа не е само последица на генерацискиот пад на наталитетот, туку повеќе е резултат на иселување на младите веднаш по завршување на средното образование, што не било карактеристично до пред неколку години. Во разговор со младите можам да забележам создавање на целосна дистописка слика за ова општество, но сепак се запрашувам дали младите можеби и создаваат и лажна илузија за далеку подобро општество од своето. Дали се создава одредена футуристичка утопија која нив ги придвижува да создаваат иднина во друга земја, а од друга страна, познавајќи ја добро својата земја, создава футурускичка дистопија, што ја поттикнува нивната бесперспективност и општествена апатија. Затоа можеби има и делумно одредени психолошки карактеристики на овој тренд на иселување, но сепак не ги занемарувам реалните слабости на нашето општество“ вели Васев.

Она што е интересно, Васев го идвојува фактот, што во последно време родителите се тие кои дополнително ги мотивираат младите да заминат.

„Младите се незадоволни од здравството, образованието, безбедноста и политичкиот систем. Тие сакаат да живеат во општество каде што овие сегменти се подобри и поорганизирани. Нивните родители се сведоци дека во изминатите 20 и повеќе години речиси ништо не се променило во однос на создавање општество кое ќе понуди подобра иднина, па во последните неколку години можам да забележам дека главни мотиватори за заминување на младите се и нивните родители, односно и самите родители им даваат мотивација на своите деца да си заминуваат од оваа земја“ истакна асистентот на Филозофскиот факултет, Стефан Васев.

Можете да прочитате

Секретаријатот на Владата ја организира, ама не кажува колку ќе чини прославата на годишнината од Охридскиот договор

Тешко повреден 65-годишен маж, паднал од електричен тротинет

11,1% повеќе туристи во првите шест месеци