Утрински Весник
Македонија

Мицкоски го фали работењето на „Државни патишта“ Кочовска смета дека претпријатието не може да плати ниту рата од кредит

Patarina Romanovce.png

Во обид да ги пофали новите директори по само еден месец работење, премиерот Христијан Мицкоски прво објави зголемување на наплатата во УЈП и Царинска управа, за месец во кој во овие институции се уште не беа сменети кадрите на претходната власт, а денеска објави дека и ЈП Државни патишта минатиот месец наплатиле повеќе пари од патарините во земјава.

Тоа не кореспондира со изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска која пак вели дека голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост коишто не се во состојба да ги вратат парите, а таков е случајот токму со „Државни патишта“.

-Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски ме извести дека на наплатните рампи во јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари што е повеќе за цели 16.071.251 денари, споредено со истиот период лани, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Но, министерката Димитриеска-Кочоска во вестите на МРТ потенцира дека трошоците на Јавните претпријатија како што се „Државни патишта“ создаваат сериозна тежина врз Буџетот на државата.

– И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една, потенцира Димитриеска-Кочоска.

Можете да прочитате

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

Објавени лауреатите на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година