Утрински Весник
Македонија

МВР со осуда за оштетувањето на спомен плочата кај „Карпалак“

Img 9281 scaled.jpeg

Министерството за внатрешни работи најостро го осудува оштетувањето на спомен плочата кај „Карпалак“, поставена во спомен на загинатите припадници на безбедносните сили во 2001 година, се наведува во вечерашното соопштение.

Од МВР истакнуваат дека се преземаат сите потребни мерки и активности за расчистување на случајот и најстрого санкционирање на сторителот.

– Денеска во 11.05 часот во СВР – Тетово е пријавено дека е оштетена спомен плочата поставена кај „Карпалак“. По расчистување на случајот, соодветно ќе ја известиме јавноста, пишува во соопштението.

Случајот го осудија и од Министерството за одбрана, од каде нагласија дека се преземаат активности за поставување нова спомен плоча, најбрзо што може.

Вчера во „Карпалак“ на патот Скопје – Тетово, беше одбележан трагичниот настан од пред 23 години, кога за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите бил нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА. Во нападот каде биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубиле 10 бранители, сите од Прилеп, кои со камиони се упатувале кон касарната во Тетово.

На 8 август 2001 година, на ова место биле убиени Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

Можете да прочитате

Мицкоски: Македонија нема алтернатива освен да одиме напред

Бројот на поплаки од семејствата на повредените во Кочани е значително намален, огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата,вели Клековски

Сиљановска Давкова: Идентитетот не може да се препознае низ ајварот, виното и пунџурот, верувам дека изјавата на Кос е несреќна и случајна