Утрински Весник
Свет

Харис и Валц за првпат настапија заедно на митинг во Пенсилванија

20240807070559 Big 730x400 40.webp.webp

Потпретседателката Камала Харис и гувернерот на Минесота, Тим Валц, синоќа за прв пат настапија заедно во рамките на предизборната кампања на Демократската партија за претседателските избори. Нивната повеќедневна турнеја започна во Пенсилванија и ќе продолжи во уште неколку клучни држави чии гласови тие се надеваат дека ќе ги освојат во ноември.

Харис и Валц одржаа митинг во Филаделфија, најголемиот град во оваа сојузна држава која се смета за критички важна за победа против републиканецот Доналд Трамп и неговиот партнер Џеј Ди Венс во тесната битка за гласовите на избирачите.

Обраќајќи се пред повеќе од десет илјадна публика на Универзитетот Темпл, Харис го опиша минатото на Валц како поранешен учител во средно училиште и тренер на фудбалскиот тим, ветеран на Националната гарда и поранешен конгресмен.

-Тој е од оние луѓе кои ги прават луѓето да се чувствуваат ‘свои’, а потоа ги инспирираат да сонуваат за поголеми работи, рече таа.

-За мене нема поголема чест од тоа да бидам во овој тим, помагајќи и на Камала Харис да стане следниот претседател на Соединетите Американски Држави, се вели во изјавата на Валц дадена на почетокот на митингот.

-Истите вредности кои ги научив на семејната фарма и се трудев да им ги пренесам на моите студенти, ги донесов во Конгресот и главниот град, а сега потпретседателката Харис и јас сакаме да ги донесеме во Белата куќа, додаде тој.

Харис објави дека изборот на Валц за нејзин кандидат за потпретседател го направила рано во вторникот. Таа истакна дека Валц има управувачко искуство и може да ги привлече гласовите на белите избирачи кои живеат во руралните области, кои во последните години повеќе го поддржуваа Трамп.

-Како гувернер, тренер, учител и ветеран, тој постигаше резултати за работничките семејства, како што е и неговото семејство, рече Харис во изјавата издадена од нејзината кампања.

Валц беше избран за член на Претставничкиот дом од про-републикански округ во 2006 година и служеше во Конгресот 12 години, пред да биде избран за гувернер на Минесота во 2018 година и реизбран во 2022 година. 

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници