Утрински Весник
Македонија

Мицкоски алармира или дефокусира дека ДУИ ќе дестабилизира?

Mickoski Ahmeti.jpg

Два дена во два наврати премиерот Христијан Мицкоски ја алармира јавноста дека политичката партија ДУИ подготвува терен за дестабилизација на државата. 

– Имаме информации добиени од повеќе канали дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) со цел да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата, рече вчера премиерот Мицкоски на заедничката прес конференција со албанскиот премиер Албин Курти.

Утрово и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повторија овој став, но сега кон ДУИ ја придадоа и опозициската СДСМ. 

– СДС и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што е целта? Дали СДС и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација на државата од есен, се наведува во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. 

На ваквите обвинувања реагираа и ДУИ и СДСМ. 

Од партијата од Мала Речица преку писмено соопштение одговорија дека „ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата“ додавајќи дека партијата ќе ги преземе сите демократски мерки и средства за да го спречи како што се наведува, понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали.

Претседателот пак на СДСМ, Венко Филипче изјави дека ако Мицкоски поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, истите мора итно да ги сподели со надлежните институции. 

„Во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес“ вели претседателот на СДСМ.

Наместо да превенира, власта само алармира

Тврдењата на Мицкоски мора да се земат со многу сериозност имајќи го предвид фактот што доаѓаат од шефот на извршната власт во чија директна наделжност е зачувувањето на мирот и безбедноста на државата. 

Но, од друга страна нејасен е мотивот за ваквите јавно искажани предупредувања од македонскиот премиер. 

Ако и постојат какви било можни закани за нарушување на стабилноста на државата, тогаш институциите (пред се МВР) мора да постапат и истите да ги превенираат. 

Премиерот не треба и не смее преку јавно изнесени ставови да внесува вознемиреност во јавноста и на тој начин да оддава впечаток дека прво, институциите кои се под негова надлежност се неспособни и второ, дека можеби тој и неговата партија би имале некаков бенефит од наводна дестабилизација на државата. 

Дел од аналитичарите, во ваквите изјави на Мицкоски гледаат обид тој да ја дефокусира јавноста од бројните скандали на Владата во првиот месец од нејзиниот мандат. 

„Кој премиер во светот, освен нашиот, објавува јавно дека ѝ се подготвува дестабилизација на државата, ако не е застрашување на јавноста заради партиски интереси. Ако пак е вистина, тогаш, ова ли е начинот да се спречи распадот на државата со зборовите се подговува дестабилизација, ама не се плашете, ние сме тука, тоа нема да го дозволиме. ВМРО ДПМНЕ постојано нѐ спасува од домашните и надворешните непријатели, смета аналитичарот и новинар Ерол Ризаов. 

Мноштво скандали на новата Влада уште во првите 30 дена

Христијан Мицкоски очигледно немаше старт на мандатот онаков каков што можеби си замислувал и планирал. 

За волја на вистината, во првите триесеттина денови јавноста се изнагледа многу скандали поврзани со новата власт. 

Тука се семејните патувања на владини функционери на самитот на НАТО во САД, понатаму, ветената милијарда заем од Унгарија се преполови на 500 милиони. 

Мицкоски го правдаше летањето за САД со бизнис класа и билети од 4.000 евра со своите проблеми со колената.

Скандали се редеа и со имотите на функционерите во Владата од кој највоочлив беше оној со имотот на Игор Јанушев, за на крај како најголем скандал во првите месеци да биде хаосот на меѓународниот аеродром во Скопје помеѓу косовската претседателка Вјоса Османи и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши. 

Оттука и не е изненадување ако мотивите на Мицкоски за вакви изјави лежат токму во обидите да се засенат скандалите на власта. 

Тоа, впрочем македонската јавност многу пати го гледаше и доживуваше во периодот на владењњето на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 до 2017 година.

Можете да прочитате

СДСМ: Апсурдно, Мицкоски врши партизација а ветува деполитизација

Спасовски со честитика за 55 години постоење на Хеликоптерската единица на МВР

Таравари итно хоспитализиран: Доживеав ненадеен колапс