Утрински Весник
Македонија

Владата објави дека Ибрахим Ељези е поставен за в.д.заменик на КПД Идризово па се премисли

Elezi.jpg

Во соопштението испратено до медиумите по седницата на Владата на 24 јули пишува дека Ибрахим Ељези, на предлог на Александар Пандов, е именуван за в.д. заменик-директор на КПД Идризово со отворено одделение во Велес. Во соопштението за истата седница кое е објавено на веб-страницата на Владата името на Ељези го нема.

Од владината прес-служба реагираат дека СДСМ шири дезинформации, затоа што, како што тврдат во писмената реакција, поранешен затвореник не бил назначен за в.д. директор на одделението Велес на КПД Идризовo

Од Владата тврдат дека се разгледувал таков предлог, но не бил прифатен.

„Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен. Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада“,се вели во денешното соопштение на владината прес-служба.

На реакцијата на СДСМ за в.д директорот на одделението Прилеп, пак, од Владата велат дека треба да се почитува пресумпцијата на невиност.

„Во однос на директорот на затворот во Прилеп, за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело“,пишува во реакцијата.

За директор на тој затвор е поставен Емил Јанески, за кого СДСМ реагираше дека има кривична пријава за „несовесно работење“.

Но, факт е дека на 24 јули, во соопштението од прес-службата испратено до медиумите по седницата на Владата, пишува дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик-директор на Идризово со отворено одделение во Велес.

Но, ако денеска го отворите соопштението за оваа седница кое е објавено на владината веб-страница, името на Ељези не постои.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег