Утрински Весник
Економија

Ребалансот на буџетот пред членовите на Комисијата за финансирање, синдикатите реагираат за колективните договори

1707472126 Unnamed File.webp.webp

Ребалансот на Буџетот денеска треба да се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Седницата е закажана во 11 часот.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, а расходите на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.

Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент и е ревидиран во однос на првично планираниот 3,4 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти и во втората половина од годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, измените на Буџетот се насочени кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирање на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Минатата среда, на 17 јули, на прес-конференција во Владата, министерката за финансии рече дека се обезбедени пари за исплата на плати, за најавеното зголемување на пензиите кое ќе оди во две фази, како и за сите законски обврски што произлегуваат од Буџетот.

Како што посочи, обезбедени се 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет, пет милијарди денари за пензии, 600 милиони денари за исплата по судски решенија, една милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, што не била обезбедена, 322 милиони денари за Државната изборна комисија кои не им биле испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик, 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии….

При усвојувањето на Ребалансот на буџетот, Владата на предлог на Министерството за финансии усвои и неколку заклучоци. Меѓу нив ги задолжи буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии.

И министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите потврди дека до крајот на оваа година нема да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор поради буџетскиот дефицит.

– Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратувње на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор, изјави Таравари при посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

И министерката за образование и наука Весна Јаневска во телевизиско интервју рече дека колективниот договор ќе биде потпишан кога ќе се создадат услови за тоа.

– Јас сум професор, јас сакам професорите да имаат високи плати, ама сакам и минималната плата да е поголема. Ако стопанството тоа не може даго издржи, сметам дека тоа беше чист политички популизам кој не донесе во уште потешка ситуација. Моите наставници, наставниците на МОН, наставниците на оваа држава нема да ги лажам. Кога ќе има услови, а сигурна сум дека до крајот на мандатот ќе има услови, дај Боже и порано, ќе се потпише колективниот договор и тие ќе си добиваат плата по колективниот договор, рече Јанева во интервју за телевизија Телма.

Реагираа од Самостојниот синдикат на вработените при Клинички центар, а реакција за владините заклучоци за колективните договори стига и од Синдикатот на УПОЗ.

– Некој повторно сака да го ограничи преговорите и потпишувањето на Колективни договори!!! Како да не се научија грешките од минатото? Дали на повидок е уназадување на правата кои произлегуваат од Колективните договори??Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не ќе може да склучи колектив договор? Вака ли ќе градиме социјален дијалог?, прашува Синдикатот на УПОЗ во објава на „Фејсбук“.

Откако Ребалансот на буџетот ќе помине на Комисијата за финансирање и буџет треба да се најде на пленарна седница.

Сојузот на синдикати на Македонија бара од Владата зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од нејзиното работење.

– Нашите барања се зголемување на платите на работниците оти видовме дека функционерите не можат да преживеат со 78 отсто поголема плата. Бараме 450 минимална плата уште во првите 100 дена на новата влада, како и враќање на трошоците за храна и превоз. Ако знаеме дека функционерите со 2.500 евра тешко преживуваат денеска, ние работниците тешко преживуваме со 25.000 и 35.000 денари. Денеска работниците се излезени за да кажат дека не се задоволни со тоа што се случуваше изминатиот период. Прво треба да се задоволат работниците, а потоа самите себе, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на првомајскиот протест.

Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска вели дека она што е планирано за корекции на плати во администрацијата поради инфлацијата ќе се оствари, а за други зголемувања на платата, дека прво треба да се провери состојбата.

– Паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата, рече министерката.

Можете да прочитате

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија