Утрински Весник
Македонија

Хеликоптер дејствува на пожарот кај Пепелиште, линијата на фронтот на пожарот подолга од еден километар

4496083817557239331803784578201114324608075n.png

Хеликоптер дејствува на пожарот кај неготинското село Пепелиште, линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар, информираа попладнево од ЦУК. Се работи за пожарот што избувна околу 10.30 часот на отворено во атарот на Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука Пепелиште, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.

– После неуспешниот обид од страна на питомците пожарот да биде ставен под контрола, тој се проширил и се движи во насока кон сртот на Конечка планина (планина Серта) од десната страна на регионалниот пат Неготино – Штип. Линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар. Во овој момент не е загрозено населено место ниту има таква тенденција, но пожарот се движи кон два далеководи од кои едниот од 410 киловолти се исклучил самиот а другиот од 110 киловолти е се уште во функција, соопштија од ЦУК.

Ветрот кој постојано дува менувајќи го правецот, дополнително го отежнувал гаснењето на пожарот.

– Горат нискостеблести растенија но и мешана шума вклучително и мешана зимзелена шума. Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес е пренасочен и веќе започна со дејство врз пожарот кај Пепелиште. Останатите два полициски хеликоптери се на редовен сервис, едниот ќе биде функционален после понеделник додека вториот кон крајот на август, појаснија од Центарот за управување со кризи.

Армискиот хеликоптер бил ангажиран на редовни армиски задачи во Охрид и немало доволно време истиот да се пренасочи во Скопје, да наполни гориво, да закачи ведро и да се упати кон Пепелиште.

– Трите Ер трактори се нефункционални поради недостаток на пилоти, проблем кој се очекува да биде надминат на следната владина седница, подвлекоа од ЦУК.

Во гаснењето на пожарот учествуваат пожарникари од ТППЕ Неготино, ТППЕ Кавадарци а во секој момент ќе им се придружат и нивните колеги од Штип како и вработени од ,,Национални шуми”. Воедно во гаснењето се вклучени и вработени од ЈКП Неготино.Чадот од пожарот се чувствува и во Неготино.

– Доколку денес пожарот не биде изгаснат или ставен под контрола, гаснењето ќе продолжи рано наутро со еден полициски и еден армиски хеликоптер и поголем број на пожарникари, истакнаа од ЦУК.

Можете да прочитате

Милошоски: Донесениот заклучок од страна на членовите на Судскиот совет за продолжување на мандатот на Весна Дамева е незаконски

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово