Утрински Весник
Македонија

Уставен суд: Не престанува функцијата на уставен судија по основ на старосна пензија

Kacarska 1.jpg

Функцијата уставен судија не престанува по основ на остварување старосна пензија – изјави денеска портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.

-Во врска со информациите доставени до Собранието дека судијката на Уставниот суд Добрила Кацарска исполнила услови за старосна пензија во јуни 2022 година, Уставниот суд на работен состанок одржан денеска со единствена точка на дневен ред, едногласно го донесе следниот заклучок – согласно членот 51 од Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите. Членот 109 изменет со амандманот 15, јасно и прецизно ја уредува постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд – рече Беловска.

Истакна дека согласно членот 111 од Уставот, јасно се определени условите за престанок на функцијата на уставен судија и оттука станува јасно дека единствен надлежен орган да одлучува за престанок на судија на Уставен суд е самиот Уставен суд.

-Секое преземање на било какво дејствие од било кој државен орган, надвор од уставно предвидените одредби во членот 111, претставува грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд. Судот потенцира дека во 60-годишното постоење, не постои случај да престане функцијата на уставен судија по основ на остварување на старосна пензија – нагласи Беловска.

Дел од медиумите неодамна објавија дека Судскиот совет испратил известување до претседателот на Собранието, дека судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски минатата недела изјави дека основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот и оти не може да се прави поистоветување меѓу членство во Судски совет и членство во Уставен суд.

Можете да прочитате

Во Крушево почнуваат чествувањата за 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република

Вкупно 28 пожари на отворено вчера, се очекуваат шест хеликоптери и четири ер трактори од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ

За манифестација во Крушево на 1 и 2 август да се користат патните правци Прилеп – Битола и Кичево по регионален пат Р1305 до клучка Сладуево, поради санација на регионалниот пат Р-1306