Утрински Весник
Магазин

Саем на универзитети „УниКомпас“: Матурантите и нивните родители ги истражуваа образовните можности

Unikompas Saem Na Univerziteti Scaled.jpg

Голем број средношколци и нивните семејства ги истражуваа програмите и можностите што ги нудат високообразовните установи во земјава, на првото издание на саемот на универзитети „УниКомпас“ што се одржа вчера (сабота, 6 јули) во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Саемот, во организација на „СтудентаријаМК“ – најголемата студентска заедница, се покажа како трансформативно искуство кое на идните студенти им обезбеди платформа за да комуницираат директно со претставниците на факултетите и образовните институции. Средношколците од прва рака се запознаа со студиските програми, уписните рокови, можностите за стипендии и кариера и животот на кампусите.

Со фокус на зајакнување на следната генерација лидери, „УниКомпас“ опфати широк спектар на активности, вклучително и интерактивни работилници, персонализирано кариерно советување, презентација на експерименти и шоуа и информативни сесии кои се однесуваа на различните потреби и аспирации на средношколците.

„Имавме успешно прво издание на ‘УниКомпас’. На настанот присуствуваа голем број средношколци, нивни родители и поддржувачи, претставници на десетици факултети, кои создадоа енергична и инспиративна средина за истражување на можностите за образование и кариера. Ентузијазмот на учесниците ги надмина нашите очекувања и беше неверојатно убаво да се види како се создаваат вакви значајни врски меѓу младите луѓе и високообразовните установи, организациите и компаниите“, изјави Гоше Николов, креатор на платформата „СтудентаријаМК“ и организатор на саемот.

За средношколците, овој саем беше одлична можност да се запознаат со она што го нудат факултетите.

„Не секогаш на веб-страниците на факултетите можеме да ги најдеме информациите кои ни се потребни. Овде имаме директна можност да зборуваме со професори, да видиме што работат и да се запознаеме со она што би го студирале. Јас се определив за Медицински факултет, тоа ми беше желба уште кога бев во основното образование“, изјави матурантката Ана Спасовска.

На саемот се претставија четири универзитети, во рамки на кои функционираат повеќе од 30 факултети и институти, а учество зедоа и компании и организации за студенти и млади.

„Вакви настани се важни за младите, овде можат да дојдат и да видат како се изучуваат природните науки. Овде може да видат експерименти, да поразговараат со професорите. Вкупно имаме околу 300 студенти на Природно-математичкиот факултет. Бидејќи се дефицитарни кадри, нема невработени од нашите дипломци“, вели професорката Даница Крстовска, раководителка на Институтот по физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Изборот на факултет и кариера е една од најважните одлуки во животот.

„Кај нас не се обрнува доволно внимание во образовниот систем на таа одлука и затоа мислам дека треба да има поголем фокус на тоа уште во основното образование. Потребни се кариерни насочувачи кои ќе им ги објаснуваат на младите идните професии. Важно е да имаме луѓе кои се во тек со новите трендови во технологијата, па ни требаат повеќе обучени луѓе во тој дел“, вели Ања Марија Макеска, маркетинг директорка на Бреинстер Некст Колеџ.

„Овој настан посебно ми се допаѓа затоа што гледам дека е посетен. Матурантите можат да видат што се случува на факултетите. Мислам дека не се доволно запознаени со понудата на универзитетите. На нашиот факултет има најголем интерес на прехранбена технологија, биотехнологија и дизајн и инженеринг на облека. Но, во последно време се забележува и интерес за програмата инженерство на материјали и нанотехнологии, како и за металургијата“, вели професорката Бети Андоновиќ, продеканка за наука и меѓународна соработка на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ.

Целта на саемот „УниКомпас“ беше да ги опреми матурантите со увид и ресурси што им се потребни за да донесат информирани одлуки за продолжување на нивното образование.

За оние средношколци кои сè уште не знаат што и каде да студираат, на настанот беа присутни професионални кариерни советници кои им понудија совети и насоки за полесно да ги донесат „тешките“ одлуки.

Покрај ова, на „УниКомпас“ се одржаа и две работилници со психолог. Првата работилница насловена „Како полесно да зачекориш во студентскиот живот?“ беше наменета за матурантите со цел тие да се подготват за следниот чекор од нивното академско патување и да научат техники за управување со стресот при предизвиците со кои би можеле да се соочат – живеење во друг град, надвор од дома, нова средина и претстојните испитни сесии.

Втората работилница беше дел од „Родителското катче“ на саемот и имаше за цел да им обезбеди на родителите и старателите вредни сознанија, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на децата полесно да ја поминат оваа клучна фаза од нивните животи.

Организаторите најавуваат поголемо, поинтересно и богато второ издание на саемот, кое ќе се одржи во првата половина на 2025 година.

Саемот се одржа во организација на „СтудентаријаМК“, со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Генерален покровител на настанот беше Шпаркасе Банка АД Скопје, а „УниКомпас“ го поддржа и Град Скопје.

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста