Денес во Германија стапија во сила новите правила за визи за квалификувани работници од Македонија, кои овозможуваат влез во таа земја и барање работа до една година, под услов да се исполнат одредени критериуми.
Уште еден елемент од правилата што ќе стапат во сила од денес во Германија е проширувањето на прописите за државјаните на земјите од Западен Балкан, соопшти германското МВР.
Според ова правило, работниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и од територијата на Косово можат многу полесно да одат во Германија на неопределено време, до 50.000 од нив годишно, што е двојно повеќе од претходно, стои на веб-страницата на Министерството.
Кои се условите?
Новите правила, познати како „карта на шанси“ за лов на работа во Германија, се однесуваат на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата.
Потребно е и познавање на германски или англиски јазик.
Откако картичката ќе биде одобрена, апликантот може да влезе во Германија и да бара работа до една година, што значи дека повеќе не мора да поднесува договор со германска компанија пред да му биде дозволено да влезе во Германија за да работи.
Како што се наведува, новите правила се воведени со цел да се намали бирократијата и да се скратат процедурите, а се дел од сеопфатниот закон чија цел е да се реши недостигот од квалификувани работници во Германија.