Утрински Весник
Македонија

Околу 15 илјади кандидати полагаат мајчин јазик – првиот испит од државната матура

Drzhavna Matura.webp.webp

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, пријавени се 10 088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

По повод почетокот на полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе го посети средното училиште „Нико Нестор“ во Струга. Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска, пак, ќе ја посети скопската гимназија „Орце Николов“.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1356 кандидати за математика, 13 198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6341 матуранти се од гимназии, 8230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Оваа учебна година матурантите наместо во училници, тестовите ќе ги полагаат во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање. Целта е со повеќе тестатори на едно место да се овозможи подобра контрола во текот на испитот и да се оневозможи препишување или масовно споделување одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Тестирањето за двата екстерни испита, денеска и наредната сабота, ќе почнува во 10 часот. Полагањето ќе го надгледуваат околу 2000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег