Изложеноста на сонце е главната причина за предвремено стареење на кожата. Најголем дел од вината лежи во невидливите, ултравиолетови зраци на сонцето, кои ја оштетуваат клеточната ДНК и предизвикуваат фотостареење.
Клетките на кожата апсорбираат фотони од сончевите УВБ зраци кои предизвикуваат директно оштетување на клеточната ДНК. УВБ зраците се причината поради која нашата кожа гори на сонце, а директното оштетување на ДНК може да доведе до кожни болести, вклучително и рак на кожата.
Главната причина за предвременото стареење на кожата се сончевите УВА зраци. И УВА зраците исто така ја оштетуваат клеточната ДНК, но тоа го прават индиректно – тие предизвикуваат создавање на слободни радикали кои ја оштетуваат нашата ДНК преку механизмот на оксидативен стрес. Истражувањата покажуваат дека високо-енергетската видлива светлина (HEVIS) исто така придонесува за предвремено стареење на кожата, иако во многу помала мера од УВА зраците.
УВА зраците се со помал интензитет од УВБ зраците, но се 30 до 50 пати позастапени и се присутни со речиси ист интензитет на дневна светлина, во текот на целата година, поради што, истакнуваат експертите, особено е важно да се применува заштита од сонце секојдневно, во текот на целата година.
Последиците од изложувањето на сонце се предвремено појавување на брчки на кожата, нејзино опуштање и проблеми со зголемена пигментација.
Иако често мислиме дека промените на кожата се само поради стареењето, изложувањето на сонце е всушност главната причина за овие видливи знаци на оштетување на кожата.
„Како што старееме, нашите тела произведуваат помалку од протеините што ја сочинуваат нашата кожа, а постоечките протеини се оштетуваат со долготрајно изложување на сонце, што доведува до видливи промени. Кога протеините се оштетени, нивните мали делови – пептиди – се одвојуваат. Овие пептиди можат да дејствуваат како алармни сигнали до клетките околу нив, стимулирајќи ги да произведуваат повеќе протеини за да ја поправат штетата. Тој механизам, сепак, се истроши со текот на времето“, вели австралискиот дерматолог, д-р Мајк Бел.
Како резултат на честото и долго изложување на сонце, се намалуваат нивоата на колаген и еластин кои и даваат младешка еластичност на кожата, па кожата почнува да губи волумен, се опушта и се појавуваат фини линии.
Како што старее, кожата има помала способност да ја привлекува и задржува потребната вода, а се намалува и нејзиното производство на природни навлажнувачки фактори. Поради ова, станува посува.
Може да се појават нерамномерна пигментација на кожата (состојба позната како депигментација или хиперпигментација) и соларни летигини (старечки дамки или сончеви дамки).