Речиси 150 земјотреси, најсилни во последните 40 години, се регистрирани вчера вечерта и утринава на флегранските полиња во близина на Неапол во јужна Италија, кои не предизвикаа поголеми штети, но посеаа паника кај населението, информираат властите.
Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути по локално време на длабочина од 2,5 километри, соопшти Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ).
ИНГВ забележа десетици послаби потреси на земјата во следните часови. Вкупно, околу 150 последователни потреси ја погодија областа за помалку од пет часа, почнувајќи од 19:50 часот. Според Мауро Ди Вито од ИНГВ, „ова е најсилната серија земјотреси во последните 40 години“.
На видеата на жителите објавени на социјалните мрежи, може да се видат шишиња со млеко и пијалоци расфрлани по подот на продавниците во општината Позуоли во областа на Флегранските полиња, каде живеат околу половина милион луѓе. Земјотресот беше јасно почувствуван и во Неапол, вклучително и во пристаништето.
Училиштата денеска ќе останат затворени во Позуоли, каде што се отворени сместувачките центри и поставени се шатори на паркингот и плоштадот покрај морето за да се сместат жителите кои се во паника, објави на Фејсбук градоначалникот на градот, Луиџи Манцони. Противпожарната единица соопшти дека жителите пријавиле пукнатини во куќите и делови кои паднале од фасадите на зградите.
Флегранските полиња се под влијание од блискиот вулкан Везув, чија ерупција ја зббриша Помпеја од картата во 79 година од нашата ера. Локалните жители и научниците се загрижени за повторното оживување на активноста поради гасовите што се испуштаат од магмата што вршат притисок врз површината што предизвикува пукање на земјата.
„Мораме да живееме со постојан страв“, сведочеше жител на Позуоли на јавниот канал Rainews. „Колку долго зградите ќе можат да го издржат сето тоа влијание, се прашуваме, бидејќи тие не се изградени за да имаат толкаво влијание.
„Земјата продолжува да се подига со брзина од два сантиметри месечно, што е повисока стапка од минатата година, и се чини дека за жал ќе продолжи“, процени вулканологот Мауро Ди Вито на Канале 21.
Според експертите, сепак, сценариото за катастрофа, односно исфрлање лава, пепел и камења, е малку веројатно во блиска иднина. Флегранските полиња веќе некое време се погодени од многу помали земјотреси.
Најчесто тоа се мали и едвај забележливи потреси кои ја ослабуваат земјината кора во таа област. Истражувачите постојано предупредуваат за овој феномен. Веќе 11 години, за таа област е во сила жолта тревога, која повикува на претпазливост.