Светската здравствена организација ги повика земјите да воведат законски ограничувања за количината на сол во преработената храна, рестораните и кантините како дел од серијата препораки за спречување на прекумерното внесување сол и намалување на стапката на срцеви заболувања.
Речиси сите земји во европскиот регион, 51 од 53 имаат просечен дневен внес на сол над максималната препорачана количина од 5 грама дневно.
Ова предизвикува сериозни здравствени проблеми бидејќи прекумерната потрошувачка на сол е една од водечките причини за висок крвен притисок или хипертензија, што е најголем ризик фактор за кардиоваскуларни болести, според СЗО.
„Колку е поголемо намалувањето на внесот на сол, толку е поголемо намалувањето на крвниот притисок: намалувањето на внесот на сол може да ја намали смртноста од кардиоваскуларни болести и појавата на срцеви удари“, велат од европската канцеларија на СЗО.