Откако Министерството за здравство на социјалните мрежи објави документ во кој има сериозни обвинувања упатени на адреса на доктор Нико Беќаровски дека наводно ги навредувал вработените по национална основа, се огласи прво докторот, а по него истото го сторија и колегите од Клиниката кои имаат засновано работен однос на неопределено време со потпишана изјава. Вработените ги демантираат наводите на колегите Албанци кои имаат истечени договори и не се повеќе вработени на Клиниката. „Ние, Вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со Изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против албанци од Проф др Нико Беќаровски. Најостро реагираме и ги демантирамо информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страни на Проф.др Нико Беќаровски не се упатени. Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа“, стои во потпишаната изјава.