Работниците на Чикаго се заслужни тоа што денес во голем дел од светот се одбележува Први мај како меѓународен празник на трудот.
Во многу земји се поистоветува со денот на трудот кој произлезе од традициите на работничкото движење, иако славењето на први мај има длабоки корени во древните пагански празници посветени на природата. Празникот на трудот кој се празнува на првиот ден од мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на работничките права, всушност е ден на кој се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго.
На први мај 1886 година повеќе десетици илјади работници на Чикаго излегоа на улиците, со единствена цел да издејствуваат воведување на осумчасовен ден. Полицијата која внимателно го следела штрајкот, во првите два дена не употребила сила. Меѓутоа, на 3 мај кога дошло до судир помеѓу работниците на синдикатот кои штрајкуваа и оние кои биле вработени наместо нив, се вмешала многубројната полиција со палици и огнено оружје за да воспостави ред при што се убиени 4 лица и повредени многу членови на синдикатот.
Ваквиот однос на полицијата предизвикала огромен револт помеѓу штрајкувачите, а група предводена од Август Спајс и Алберт Парсонс побарале самите да се вооружаат. На 4 мај, околу 3.000 членови на синдикатот го продолжија штрајкот, но пред крај, лице чие идентитет никогаш не бил откриено, фрлило бомба при што биле убиени 7 а ранети 67 полицајци. Полицијата ги уапсила организаторите на штрајкот и ги извела на суд, а четворица од нив, меѓу кои Спајс и Парсонс, на 11 ноември 1887 година биле погубени.
Никогаш не била докажана вината на погубените, иако заговарале вооружен отпор и насилство како револуционарна метода. Околу 250.000 луѓе, долж улиците на Чикаго ги испратила погребните остатоци на Парсонс, изразувајќи ја својата солидарност со неправедно погубените работници.
На првиот конгрес на Втората интернационала одржан во 1889 година било одлучено „Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба“. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.
Работничките синдикати се следбеници на оваа иницијатива. До денешен ден, како во целиот свет, така и кај нас, Први мај се одбележува во спомен на Чикашките работници, на оние кои своите животи ги дадоа за подобри работни услови. Интересно е тоа што иако во најголем дел во светот денот на трудот се одбележува на Први мај, во САД денот на трудот се слави во првиот понеделник во Септември. Всушност тие ги слават социјалните и економските достигнувања на американските работници, односно тоа е ден во чест за сето она што американскиот работник го има направено за просперитет и благосостојба на нивната земја. За првпат Денот на трудот во Америка е одбележан на 5 септември, 1882 година во Њу Јорк, во согласност со плановите на Централниот синдикат, а со тек на времето овој ден правно ќе се етаблира во САД.
Синдикалното движење во Македонија има длабоки корени и традиција. Првите синдикални зачетоци датираат од 1908 година, кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници. На Првиот земски конгрес, на работниците и намештениците на Македонија, кој се одржал во Скопје од 18 до 21 август 1946 година, продолжува традицијата на синдикализмот од пред војната, со формирањето на единствената синдикална организација – Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во Македонија Први мај е државен празник, како и во повеќе земји во светот. Се до 2006 година Први мај се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено кај нас, овој ден се користи за излети во природа. Скоро секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто зелени прекрасни ливади покрај вода каде населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува денот на трудот.
Слично како и кај нас така и во други европски држави овој ден се прославува во природа покрај логорски оган на кој се спрема скара или некое друго јадење. Во некои земји во Северна и Централна Европа, во природа се излегува ноќта спроти Први мај (Валпургина ноќ) и се прославува плодноста, при што се пие и пее долго во ноќта покрај запалените огнови.За разлика од ваквото празнување, кое има корени во паганското чествување на природата, во некои држави работничките синдикати организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права при што често пати има и судири со полицијата. Кај нас тоа е само симболично, што е одраз на традициите и културата на славање на овој празник како и на нивото на зрелоста на синдикалната организација.