Утрински Весник
Македонија

Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест и барања упатени до новата влада

Img 3111.jpg

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што денеска Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот. 

Синдикатот бара и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

– Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот, туку единствено и исклучиво работат за своите интереси. Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78 проценти, се наведува во Првомајскиот проглас на ССМ.

Оценка на ССМ е дека има зголемено кршење на работничките права, а новиот закон за работни односи не се носи веќе шест години, додека последнава година, како што посочуваат, воопшто не се работело на него, односно не биле одржани расправи за надминување на разликите во креирањето на законот меѓу социјалните партнери.

Оттаму нагласуваат дека кај нив има над 10.000 обраќања за прекршени работнички права, а според ССМ, преседан е и тоа што измената на Законот за работни односи со која е воведена можноста за 72 часовна работна недела е направена без социјален дијалог и учество на ССМ како репрезентативен синдикат.

Атак на синдикализмот во државата, според ССМ, е и пресудата на Врховниот суд со која после 18 години судски спор и повеќе од 8 пресуди во корист на ССМ, се одзема Работничкиот дом.

– На идната Влада, ние работниците и порачуваме дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси, се наведува во Промајскиот проглас на ССМ.

Меѓународниот ден на трудот се празнува секој 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Овој празник се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден. Во знак на почит кон жртвите од штрајкот, Втората интернационала на Основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. 

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во државава има статус на државен празник и до 2006 година се празнуваше два дена, а од 2007 година се празнува само на 1 мај. 

Можете да прочитате

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година