Утрински Весник
Македонија

Анализа: Претседателска дебата – Пендаровски доминираше, Силјановска нервозно и цинично одговараше

Stevogordana 1.jpg

Можеби не беа многумина заинтересирани, во иста вечер кога се игра полуфиналето на Лигата на шампиони, на својот телевизор главно место да му дадат на првиот ТВ Дуел за вториот круг претседателски избори помеѓу кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

Сепак оние што одвоија 75 минути и го гледаа ТВ дуелот, можеа со сигурност да забележат неколку клучни моменти.

Првиот е секако прибраноста, одмереноста и смиреноста на Пендаровски, која во одредени моменти беше на некој начин нарушена од прозивките и упаѓањето во збор од страна на неговата противкандидатка.

На сите прашања, но и на најголем дел од репликите и контрарепликите Пендаровски доминираше со својата капацитетност, своето искуство и познавање на она што значи уставни надлежности, политички состојби и односи.

Од друга страна, Силјановска оддаваше една несигурност и неподготвеност за вакво ТВ соочување.

„Умрете барем машки (ви се молам)“ можеби ќе биде реченицата на Силјановска по која ќе се памети овој ТВ дуел, но сепак не треба да се занемари фактот што таа речиси во секоја реплика и контрареплика му упаѓаше на Пендаровски во збор, најчесто тоа го правеше со силно викање и со цинични коментари, кои можеби прилегаат за домашна седенка, но не и за дебата со главниот политички противник кој исто како вас претендира да ја води државата.

Силјановска не ги удостои гледачите со конкретни одговори на многу важни теми и во неколку наврати делуваше како овој ТВ дуел таа да го чекала само за да може нападите и циничните коментари кои ги употребува на митинзите, сега лично да му ги „истури“ на нејзиниот противник.

Сепак, сето тоа не го извади „од такт“ Пендаровски, кој се чини беше единствениот кој се обидуваше да одржи ниво на ТВ дуелот и очекувањата од онаа демократска јавност која се одлучи да го гледа соочувањето.

Во првиот круг Силјановска-Давкова оствари сериозна победа пред Пендаровски, дали и колку ваквите соочувања (ако ги има и на други телевизии или поткасти) ќе влијаат на исходот во вториот круг, ќе се знае за осум дена од сега.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа