Пропалестински демонстранти на Универзитетот Колумбија денеска ја окупираа зграда во кампусот во Њујорк, а администрацијата го ограничи пристапот само на студентите кои живеат таму и на вработените. Демонстрантите кои го окупираа Хамилтон Хол на прозорците истакнаа транспаренти на кои пишуваше „Интифада“, арапски збор за востание, објави Си-Ен-Ен.
Универзитетот објави во соопштението рано наутро дека пристапот до кампусот Морнингсајд е ограничен на студентите кои живеат таму и на вработените кои обезбедуваат основни услуги. Колумбија во понеделникот почна да ги суспендира пропалестинските студентски активисти кои одбија да го отстранат протестниот камп во кампусот во Њујорк, откако преговорите за прекин на протестите пропаднаа.
Претседателот на Универзитетот Немат Минуш Шафик рече дека неколкудневните преговори не успеале да ги убедат демонстрантите да ги отстранат десетиците шатори подигнати за да го изразат противењето на израелската војна во Газа.
Репресијата во Колумбија, во срцето на протестите поврзани со Газа кои ги зафатија колеџските кампуси низ САД во последните неколку недели, доаѓа откако полицијата на Универзитетот во Тексас во Остин уапси десетици студенти на кои беа употребени со солзавец на пропалестински митинг.