Утрински Весник
Македонија

Почна Страдалната – Страсната – Велика седмица

Isus Hristos.webp.webp

Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот наш Господ Исус Христос: Неговите страдања, смртта и погребението.

Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа. Свети Јован Златоуст вели: „Во таа седмица е пресудена древната тиранија на ѓаволот, победена е смртта, врзан е силниот (ѓаволот) и уништено неговото оружје, искупен е гревот, симната е клетвата и рајот е отворен. Тогаш небото престанало да биде недостапно. Луѓето се зближиле со ангелите. Оттргната е преградата што ги разделувала луѓето од Бога. Границите се избришани. Бог на мирот ги измирил небесното и земното“.

Според сведочењето на светите отци (особено свети Јован Златоуст, IV век), христијаните во првите векови ги зголемувале своите молитви и постот во текот на Страдалната седмица. Во овие денови го подражавале Господа Исуса Христа, особено во љубовта кон човекот.

Така, во Страдалната седмица тие се обидувале да бидат подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи кон своите ближни, правејќи дела на љубовта и милосрдието. Во тие дни се сметало за недолично да се оди на суд и да се обвинува или да се осудува, па затоа, во текот на Страдалната седмица луѓето ги прекинувале сите тужби, сите судски парници, обвиненија, спорови и казни. Во овој празничен период се практикувало дури и да ослободат некого од вратите на затворот, којшто не бил голем престапник.

Деновите на Страдалната седмица Господ Исус Христос ги поминал во Ерусалим и во храмот. Таму секој ден го поучувал народот. Затоа, според Неговиот пример, и православните христијани овие денови ги минуваат во храмовите. Тие се таму и наутро и навечер, и по цел ден, молитвено размислувајќи за евангелската историја на Богочовекот и Спасителот наш Господ Исус Христос и за Неговото служење на човечкиот род.

Во текот на Страдалната седмица ни се претставува централната библиска содржина. Гледаме дека целата Библија е христоцентрична. Нејзината главна личност е Господ Исус Христос, а главно дејство: спасението на човечкиот род.

Во овие дни, зближени се настаните од Стариот и од Новиот завет. Сè што е пророкувано и претскажано во Стариот завет и сè што е забележено во Новиот завет ни е на очиглед во настаните од Страдалната седмица. Сè е збрано во она што се случило во последните денови и часови од земниот живот на Господа Исуса Христа. Тоа сето го сконцентирала светата Црква и го претставува во една преубава и величествена форма, низ прекрасните богослужби во оваа седмица.

Богослуженијата се обилно збогатени и украсени со мудро избрани текстови од Библијата. Овие денови на богослужбите се читаат содржини од пророчките книги, од Евангелието и од Апостолот. Сето тоа е велелепно проследено со длабоки, содржајни молитви и песнопенија. Тие се и слаткопејни и оплакувачки, и покајни и животорадосни, страдални и воскресенски.

Преубави и вдахновени се црковните песни што се пеат на богослужбите во Страстната седмица. Тие ги галат нашите души. Ги издигаат до небесните убавини и до рајските радости. Тоа се доживува само тогаш – во овие дни. Затоа верниците ги посетуваат богослужбите, особено попладневните богослуженија на Велики Четврток и Велики Петок, а задолжително за секој христијанин е пречекот на Велигден, во саботата ноќта.

Посебно се забележливи и длабоко содржајни побожните, црковно – народни обичаи и обреди во овие денови. Тие се изразито присутни и в црква, започнувајќи од Велики Четврток, од првото вапцување велигденски јајца.

Преку богослужбите, обредите и обичаите, во душите на верниците, се пренесуваат настаните кои се случиле во последните денови од земниот живот на Христа Спасителот. Со љубов и со побожност се следи секој евангелски збор и, чекор по чекор, преку верата и духовното расположение, сè нè внесува во спасоносните настани.

Во овие денови верниците стануваат сопатници Христови. Во тие дни ние одиме по стапките Господови и по Неговиот пат до Крстот – патуваме од Витанија до Черепница (Голгота), од Неговото царско влегување во Ерусалим – до Неговите искупителни страдања на Крстот, а потоа и до светлото торжество на Воскресението.

Оваа седмица се особено долги богослуженијата и голема е нивната важност, како и на настаните од тие дни. Тие ни ги насочуваат нашето внимание и нашите мисли кон сите евангелски глетки од пожртвованоста Христова за човечкиот род.

Во текот на целата Страстна седмица, освен на Литургијата на Велики Четврток и Сабота, свештениците се облечени во црни одежди.

Оваа седмица не се прават панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани. Во овие денови на Страдалната седмица, на трпезата, за храна се употребуваат само суви јадења. „И со тоа да бидеме задоволни“, вели правилото од Посниот триод. Тоа е утврдено и на Шестиот Вселенски собор. Постот трае сè до полноќта на Велика Сабота, односно до завршувањето на велигденската света Литургија.

+ + +

Душеполезно е читањето на поучни текстови за овие празници. Тие се полни со библиски содржини и со нивно разјаснување и толкување. Тоа нè пренесува во Евангелието и нè води во дружба со Господа. Тогаш, не мислиме на ништо друго, туку ги созерцаваме Христовите страданија и Неговата богоспасителна дејност за нас. Ние сме со Бога и Бог е со нас. Таквото читање е богослужение. Тоа е еднакво на богослужение – тоа е нашето лично богослужение. Тоа ќе нè одведе и на богослужението в црква.

(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Гроздановски)

Можете да прочитате

Не пропуштајте: Второ емитување на подкастот „Зрак“ посветено на машкото здравје

ДУИ: Мицкоски продолжува со измислици, цела комуникација со нас веднаш да ја објави

Следната работна седмица го очекуваме првиот посериозен утрински мраз!