„ДПМНЕ како што видовме, нуди етнички тензии и изолација, а СДСМ нуди пат кон ЕУ. Изборот на 8ми мај е јасен – или враќање назад кон минатото со ВМРО-ДПМНЕ или напред со нас, со мене, со СДСМ, со Коалицијата за европска иднина”, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва во Студеничани.
„Студеничани е населено место каде може да се чујат речиси сите јазици кои се зборуваат во земјава. И македонски и албански и турски и бошњачки и останатите. Токму тоа е убавината на нашата земја – соживотот и заедничкиот пат кон ЕУ и големото европско семејство. Преку местата како Студеничани градиме и ќе продолжиме да градиме едно општество за сите, за секој еден граѓанин, општество кое ќе биде фер кон секого, без обзир на неговата етничка припадност, вера или националност. СДСМ покажала дека може да ги обединини сите граѓани и токму затоа од тука сакам да ѝ порачам на албанската заедница: ова е и ваша земја и никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но вие имате и одговорност. Да бидеме совесни и одговорни прво кон себе си, кон нашите најблиски, а и кон сите други. Ниту вие, ниту ние не смееме да дозволиме да паднеме на какви било провокации”, рече Ковачевски.
„Секоја блокада на европскиот пат е враќање назад на целата држава. Назад во 2001 година или којзнае каде”, додаде тој.
„Имаме обврска кон нашите деца нашето национално единство и нашата енергија да ја насочиме кон иднината, кон членство во ЕУ, а не да се враќаме назад во мрачните денови од поновата македонска историја. Затоа сите лидери на сите политички партии мора да се однесуваат одговорно. СДСМ отсекогаш била партија која покажувала лидерство и одговорност и само СДСМ може да го предводи обединувањето на граѓаните и на државата зад една заедничка идеја. Зад идејата за европска иднина. Само СДСМ ја има таа моќ може да ги поврзе сите луѓе во државата, и само СДСМ го има клучот за подобра, безбедна и одговорна иднина”, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.