Повеќе од 10 отсто од луѓето ширум светот, особено на возраст меѓу 20 и 50 години, имаат мигрена, според „The Journal of the American Medical Association“.
Мигрената се опишува како мачна и силна болка. Често се јавува на една половина од главата, но не секогаш доаѓа само од едната страна, туку од двете страни на главата.
„Симптомите на мигрена се полоши од типичната главоболка, а умерените до тешки главоболки се само еден од симптомите на мигрената“, вели Фред Коен, специјалист за главоболка.
Може да се појави гадење, повраќање, чувствителност на светлина и чувствителност на звук. Што се однесува до причината за мигрената, кај некои таа е резултат на генетика, додека кај други може да настане поради исхрана, дехидрираност, стрес, па дури и временски промени.
За среќа, исцрпувачките симптоми на мигрена може да се ублажат со некои природни лекови. Еве неколку кои Коен ги препорачува.
Суплементи со магнезиум
„Земањето магнезиум може да биде добро за ослободување од мигрена бидејќи им помага на крвните садови во мозокот да се релаксираат, ги регулира вашите нервни рецептори, вклучително и серотонин, и може да ги зголеми нивоата на магнезиум кои обично се ниски кога имате напад на мигрена“, објасни Коен за CNBC.
Тој предлага користење на секаков вид додаток на магнезиум, од 200 до 600 милиграми, но забележува дека магнезиум глицинат обично е полесен за стомакот.
Рибофлавин (витамин Б2)
“Рибофлавинот е вклучен во митохондриите на клетката. Тој е одговорен за производство на енергија, а мигрената е воспаление кое го слабее тоа производство. Затоа рибофлавинот може да помогне”, објаснува докторот. Тој препорачува земање додаток на витамин Б2 од околу 200 до 400 милиграми.
Коензим Q10
„Коензимот Q10 е антиоксиданс кој исто така е корисен за производство на енергија и митохондријална функција. Работи многу слично како рибофлавинот и исто така се користи за холестерол и проблеми со срцето“, додава Коен.
Истражувањата покажуваат дека земањето додатоци на коензим Q10 ја намалува фреквенцијата, времетраењето и сериозноста на мигрена главоболки. Коен предлага дополнување со 100 до 300 милиграми коензим Q10 дневно за олеснување на мигрената.
Омега-3 масни киселини
Омега-3 масните киселини, како што е рибиното масло, се антиинфламаторни и можат да помогнат да се намали воспалението предизвикано од мигрена, вели Коен.
„Омега-3 рибиното масло првично беше промовирано за луѓе со кардиоваскуларни проблеми, но видовме дека е ефикасно и за мигрена“, додава тој.
Исхраната богата со омега-3 и ниска содржина на омега-6 била поврзана со намалување на зачестеноста на мигрените, според студијата од 2021 година објавена во „The Journal of the American Medical Association“.