Утрински Весник
Македонија

Полициски службеници одржаа едукативни предавања пред членови на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид

Gluvi.jpg

Полициски службеници од СВР Охрид-припадници на Интернационалната полициска асоцијација, на отсекот за превенција и на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, на теми од областа на сообраќајот, одржаа едукативни предавања пред членови на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид. На едукативната работилница, прва во земјава од ваков вид, глувите и наглуви лица, како посебна и ранлива категорија учесници во сообраќајот, поблиску беа запознаени со одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и нивните законски конкретни права и обврски како возачи на моторни возила, пешаци и велосипедисти по што, им беа презентирани неколку типизирани видео материјали на тема сообраќај.
Александар Стевоски, претседател на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, како голем проблем ја нагласи отежнатата комуникација помеѓу полицаецот и глувото-наглуво лице, немањето соодветни лепенки за паркирање на нивните возила како и потребата од зголемен број на паркинг места на јавните паркинг простори во градот, наменети за овие лица.
Оваа работилница е поттик на глувите и наглуви лица кон поголема одлучност за комуникација со полициските службеници во врска со нивните проблеми и потреби од областа на безбедноста  како и зголемена грижа за инклузивност на оваа категорија граѓани, стекнување основни информации за работата и начинот на функционирање на полицијата, смета Славица Стефаноска, секретар на здружението.
– Работилницата се одржа по неодамна потпишаниот меморандум за соработка помеѓу ИПА и Здружението за глуви и наглуви лица, таа е знак за меѓусебно пријателство со цел, јакнење на комуникацијата меѓу глувите и наглуви лица со полициските службеници, воспоставување на системска меѓусебна соработка и едукација на теми од областа на безбедноста како и можност за запознавање на ИПА полициските службеници со основните одредби од знаковниот јазик и начините на комуникација на членовите на Здружението, истакна претседателот на ИПА Охрид, м-р Стефан Димоски.
Полициските службеници, одговараа на низа прашања од глувите и наглуви лица, поврзани со конкретни ситуации во сообраќајот и посебно ја нагласија потребата од совесност и внимателност како личен придонес во јакнење на сообраќајната култура и побезбеден сообраќај.

Можете да прочитате

„Алтус НЗ“ со концерт во македонскиот КИЦ во Истанбул

Повикана Брза помош, на еден од обвинетите за трагедијата во Кочани не му било добро

Загубите на вода во државата лани изнесувале 63,05 проценти