Утрински Весник
Свет

Ван Хол“ доби нови сопственици

Vanhol.webp.webp

Како што јави белгиската државна фламанска телевизија ВРТ, ваквата одлука е донесена на синоќешниот состанок на стечајните управници на „Ван Хол“, на кој биле отфрлени останатите доставени понуди за преземање на компанијата, кој има свој погон и во ТИРЗ „Бунарџик“ кај Скопје.

Одлуката е донесена откако членот на Управниот одбор на холандскиот производител на автобуси ВДЛ, Ролф-Јан Цвеип се заканил дека неговата компанија ќе ја повлече понудата, доколку до истекот на вчерашниот ден не биде решено кому ќе биде продадена „Ван Хол“.

Според донесената одлука, БДЛ ќе ги преземе погоните на „Ван Хол“ за производство на автобуси и тролејбуси, додека германскиот производител на приколки „Шмиц Каргобул“ заедно со неговиот јужноафрикански партнер ГРВ ќе стане сопственик на фабриките за индустриски возила на белгиската компанија.

– Среќни сме што можеме да направиме брз рестарт заедно со „ВДЛ Груп“ и „ГРВ/Шмиц Каргобул“, се наведува во соопштението на стечајните управници на „Ван Хол“ објавено по синоќешниот состанок.

Интерес за преземање на „Ван Хол“ пројави и белгискиот бизнисмен Гвидо Думари, кој настапи заедно со американската компанија „АБЦ“, која со децении е задолжена за пласман на автобусите на белгискиот производител на пазарот во САД, но неговата понуда беше одбиена.

Според еден од стечајните управници на „Ван Хол“, Јерун Поној, доколку била прифатена и понудата на Думари, тогаш ќе требало да се оди на наддавање за избор на идниот сопственик, со што би се изгубиле најмалку шест недели.

– Тогаш и производството и дистрибуцијата ќе западнеа во целосен застој. Тоа би ја уништило вредноста на компанијата, ќе имаше негативни последици по вработувањето, а клиентите ќе продолжеа да чекаат, нагласи Поној.

Во такви услови, според него, некои работници би можеле да ја напуштат фирмата, која и онака се соочува со недостиг на стручен кадар, што би го отежнало реструктуирањето на компанијата.

– Постоеше ризик да се откажат инвеститорите кои се уште беа заинтересирани, додаде Поној.

Согласно планот за преземање, до понеделник „Ван Хол“ треба формално да згасне, по што ќе биде преземен од холандско-германскиот тандем. „Шмиц Каргобул“ ќе продолжи да произведува приколки во фабриката на „Ван Хол“ во белгиското место Конингсхојт, а планира и да изгради нов погон на таа локација. ВДЛ, пак, ќе ги преземе погоните за производство автобуси и делови за автобуси на „Ван Хол“.

Новите сопственици се обврзуваат да задржат меѓу 650 и 950 од сегашните вработени, но најавуваат дека ќе има нови вработувања на долг рок.

Во понеделникот, интернет изданието на белгискиот весник „Соар“, повикувајќи се на извори во синдикатот во „Ван Хол“, објави дека на средба на синдикалните претставници и на раководството на компанијата било договорено да бидат отпуштени меѓу 1550 и 1850 од околу 2500-те работници, со што вкупниот број на вработени би се намалил на меѓу 650 и 950.

Синдикалните претставници во изјава за „Соар“ порачаа дека сакаат новите сопственици на компанијата „првенствено да водат сметка за зачувување на работните места“. – Не би сакале сценарио каде што купувачот е заинтересиран само за преземање на технологијата, брендот и клиентите, посочија од синдикатот во понеделникот.

„Ван Хол“ е семејна компанија за производство на автобуси, тролејбуси и приколки основана во 1947 година. Фирмата има околу 4100 работници во ширум светот, од кои најголемиот дел се во нејзините погони во Конингсхојт и во Скопје.

Можете да прочитате

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница

Интерпол уапси повеќе од 1.000 осомничени за кибер криминал во Африка

На сила стапи договорот за прекин на огнот во Либан