Утрински Весник
Свет

Американската сојузна држава Аризона ги забрани речиси сите абортуси, Бајден ја осуди одлуката

20240410083957 Big 730x400 89.webp.webp

Врховниот суд во Аризона денеска го оживеа законот од 1864 година со кој се забрануваат речиси сите абортуси, симболична одлука со важни изборни импликации неколку месеци пред претседателските избори во оваа клучна јужна сојузна држава.

Законот од пред речиси 150 години забранува секаков абортус од моментот на зачнувањето, освен ако животот на мајката не е во опасност. Силувањето и инцестот не се сметаат за валидни исклучоци, пренесе Хина.

Според пресудата на Врховниот суд во Аризона законот сега станува „спроведлив“ откако беше во мирување со децении.

Судиите веруваат дека ништо не стои на патот на неговото спроведување бидејќи уставната заштита на правата на абортусот беше укината во 2022 година, давајќи ѝ слобода на секоја американска држава да донесе свој закон за абортус.

Одлуката ги зголемува влоговите додека се приближуваат претседателските избори во клучната држава каде во 2020 година Џо Бајден го победи Доналд Трамп за само 10.000 гласови разлика.

Поранешниот републикански претседател во понеделникот изјави дека сака да им даде одврзана рака на американските држави во донесувањето на законите за абортус, доколку се врати во Белата куќа.

-Државите ќе одлучат… Што и да одлучат, тоа мора да има сила на закон, рече Трамп.

По одлуката на највисокиот суд во Аризона, претседателот Бајден веднаш го осуди суровиот закон.

„Оваа одлука е резултат на екстремната агенда на републиканските избрани функционери кои се залагаат да ги лишат жените од нивната слобода“, оцени претседателот во соопштение.

Новата законска рамка „не ги штити жените дури и кога нивното здравје е загрозено или во трагични случаи на силување или инцест“, посочи тој. 

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници