Во интервју за ТВ Стар, директорката на Управата за јавни приходи и заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска посочи дека нејзината партија во изминатиот период успеала да ги оствари клучните ветувања што ги дала пред изборите во 2016 и 2020 година.
„Ние покрај тоа што ветивме дека, во претходните програми, дека ќе станеме земја членка на НАТО, тоа го направивме, земја членка на ЕУ, тоа е нашата тенденција сега, едно општество за сите, третиот постулат беше дека ќе ги вратиме парите назад кај граѓаните и тоа го покажавме преку различни мерки. И преку мерката Мој ДДВ за која што сум многу горда, и преку тоа што овозможивме ликвидност на компаниите, преку субвенционирањето на придонеси за повисоки плати, овозможивме ваучер-систем, имаше сет мерки во време на корона кризата преку финансиската помош безкаматни кредити и така натаму, и така натаму. Значи, имаме плеада на мерки кои што сме ги исполниле.“ рече таа.
Тоа, според неа е гаранција дека СДСМ со сигурност ќе ги исполни и ветувањата што ќе се најдат во новата програма, за претстојните избори.
„Ќе продолжиме со истата тенденција за зголемување на минималната плата која што ќе стигне до 600 евра 2028 година, просечната плата 1100 евра, зголемување и на минималната просечна пензија, посебни пакети на мерки кои што ќе значат помош на младите пред се. Ќе се продолжи со тенденцијата за зголемување на платите и во образованието. Многу храбри мерки и во делот на енергетиката меѓутоа и во делот на многу други сектори. Имаме одлични мерки во делот на борбата против криминалот и корупцијата и напредување во владеење на правото. Се ова јасно, транспарентно ќе го образложуваме и презентираме и пред граѓаните и пред коморите, и пред граѓанскиот сектор и пред нашиот постулат -едно општество за сите- преточен во еднакви вредности, еднакви можности за различни целни групни, за секој оној дека е битен во оваа држава. Нашата програма ја темелиме на тоа дека граѓанинот ни е во прв план, работникот ни е во прв план, компаниите и секој оној на кој што му е потребна соодветна помош“ порача Лукаревска.