Утрински Весник
Македонија

Викенд со партиски промоции на носители на изборни листи и програми

Picture 1100 660x487 1.jpg

Промоции на кандидатски листи и програми за претстојните парламентарни избори, трибини и отворање изборни штабови, викендов се на агендата на партиите. СДСМ денеска на седници на Централниот и на Извршниот комитет, а потоа и на Конгрес на партијата треба да донесе одлука за носителите на кандидатските листи за парламентарните избори. Пред делегатите ќе биде презентирана и програмата за претстојните избори. На почетокот на 28. Конгрес на СДСМ на отворениот дел ќе се обрати лидерот Димитар Ковачевски, по што следува работниот дел. Досега е потврдено дека носител на листа во Првата изборна единица ќе биде Ковачевски, а ко-носител Моника Зајкова од ЛДП, како и дека во една од изборните единици носителка ќе биде потпретседателката на партијата Сања Лукаревска. ВМРО-ДПМНЕ, како што најави потпретседателот Александар Николовски, утре ќе ја промовира изборната програма. Партијата веќе ги комплетираше имињата на носителите на листите. Како што потврди вчера Николоски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски ќе биде носител во Петтата изборна единица, со што е комплетирана листата со носители,  што претходно ја објави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Во Првата изборна единица носител ќе биде Мицкоски, во Втората изборна единица потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во Третата Драган Ковачки, во Четвртата потпретседателот Александар Николовски, а во Шестата изборна единица Дафина Стојановска. Викендов, предизборни промотивни активности ќе има и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кое утре во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за парламентарните избори. Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ, во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП Чистота и зеленило во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град, во ИЕ 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки. Во  ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанската комора на Југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица. Листата во Петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог. За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски. На конвенцијата ќе се обрати претседателот на ЗНАМ и кандидат за претседател на државата Максим Димитриевски. Активности ќе има и претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари, кој организира трибина за иселувањето на младите во Тетово, на која ги покани и другите претседателски кандидати. Државната изборна комисија ги потврди кандидатурите на седуммината учесници во трката за претседател на државата: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Стевче Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска Цветковска од Левица и Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди. Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април, почнува на 4 април, а кампањата за парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај заедно сп вториот круг од претседателските избори, стартува на 18 април. Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за пратеници треба да ги достават до ДИК најдоцна на 2 април, до 24:00 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите. Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и за пратеници ДИК ќе ја одржи најдоцна на 13 април.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор