ЕУ не била секогаш праведна со нас, тоа е факт, но, ние терајќи ги правдините во минатото, многу често ги пропуштавме моментите да ги зграбиме шансите што ни се пружаат и 2008 година ни беше јасно кажано кога добивме ветото за НАТО дека ако не најдеме решение во тој момент со Грција, Албанија и Хрватска ќе станат членки на НАТО а ние ќе останеме во чекалната, вели во интервју за „Реално“ вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Според него, неразбирливо е зошто за ВМРО-ДПМНЕ е проблем, Бугарите да бидат внесени во Уставот, дополнувајќи дека ако оваа шанса се испушти, тогаш ќе се изгубат дополнителни години, а државата можеби и ќе заостанува зад други држави кои дури сега го почнуваат процесот на евроинтеграции.
„Јас не можам да разберам, ни ВМРО – ДПМНЕ не знае да објасни зошто е проблем да влезат Бугарите во уставот? Што тоа ќе направи негативно кон нас? Зошто е проблем францускиот предлог кој ни го гарантира македонскиот јазик? Зошто е проблем да ние продолжиме понатаму и да наместо тоа да преговараме пак уште 10 години со Бугарија? Јас мислам дека ќе биде допрва жално кога за 6-7 години ќе ги видиме на бината за нови членки Украина, Молдавија, Црна Гора, Албанија а ние ќе им апалудираме како вечна кандидатка и ќе велиме „ќе чекаме подобри времиња“, „ќе чекаме Бугарија да се вразуми“ и да имплементира дел од пресудите во Стразбур, за да ние направиме нешто што веќе сме го направиме за 7 или 10 други заедници“ вели Маричиќ.