Трикратниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, изјави дека има намера да остане до крајот на договорот со Ред Бул до 2028 година, поради шпекулациите дека би можел да се пресели во Мерцедес.
Верстапен изјави дека е поласкан од пофалбите кои директорот на Мерцедес, Тото Волф ги упати на негова сметка по трката во Саудиска Арабија.
Волф рече дека би сакал холандскиот возач да му се приклучи на неговиот тим, но Верстапен сака да остане со семејството во Ред Бул.
-Затоа го потпишав договорот. Како што кажав и претходно, задоволен сум од тимот и секако е многу важно да се трудиме да ги задржиме клучните луѓе во тимот долго време бидејќи тоа е важно за нашите настапи, а на крајот настапите се бизнис. Намерата е да останам до крај, би било одлична приказна за мене да го завршам договорот, бидејќи тоа во основа значи дека бев дел од едно семејство, еден тим – изјави Верстапен.
Гласините дека би можел да бара преселба во Мерцедес отидоа предалеку, додаде Верстапен.
-Сите го сакаме истото, добар настап на патеката и сакаме да се концентрираме на тоа како тим. Проблем се шпекулациите кои кружат не само во тимот туку и надвор и тоа е нешто што не можеме да го контролираме. Единствено што можеме да контролираме е дека сите во тимот одат во иста насока и мислам дека го правиме тоа.
Зборувајќи за ситуацијата со директорот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, кој беше обвинет од колега за недолично однесување, Верстапен рече дека нема да се меша во тоа, но дека смета дека работата е решена на вистински начин.
Холанѓанецот победи на првите две трки оваа сезона во Бахреин и Саудиска Арабија, а неговиот тимски колега Серхио Перез беше втор на двете трки.
Сезоната продолжува со тркачки викенд во Австралија, а трката е закажана за недела во 5 часот наутро по Мелбурн.