Германија уапси двајца осомничени членови на Исламската држава (ИСИЛ) за наводно планирање напад врз шведскиот парламент, соопшти денеска федералното обвинителство.
Двајца авганистански државјани идентификувани како Ибрахим М.Г. и Рамин Н. се уапсени во источниот германски град Гери под сомнение дека планирале напад како одмазда за палењето на Куранот во Шведска, соопшти обвинителството.
Обвинителите наведуваат дека осомничените се приклучиле на Исламската држава – провинцијата Хорасан (ИСКП), огранок на милитантната исламистичка група, во 2023 година и собрале околу 2.000 евра донации за таа организација.
Наводно, дуото истражувало можен напад на Интернет и направиле неколку обиди да набават оружје, но биле неуспешни. Двајцата денеска или утре ќе бидат изведени пред истражниот судија на германскиот сојузен суд во Карлсруе.