Билатералните спорови помеѓу кандидати за членство мора да бидат решени пред нивниот прием во ЕУ, бидејќи сосема е Билатералните спорови помеѓу кандидати за членство мора да бидат решени пред нивниот прием во ЕУ, бидејќи сосема е јасно дека ниту една земја членка не треба да ги користи аспирантите за членство како заложници на меѓусебните нерешени прашања, изјави денеска финскиот министер за европски прашања Андерс Адлеркројц пред почетокот на заседанието на Советот за општи работи (ГАК), на кои една од темите е и проширувањето.
Тој истакна дека од аспект на проширувањето на Унијата, Планот за раст на Западниот Балкан е важен инструмент за процесот на постепена интеграција на земјите од регионот во ЕУ, се додека не ги исполнат условите за нивно полноправно членство.
– Сите земји, и оние кои се во ЕУ, и оние кои се борат за членство, мора да ги почитуваат принципите на владеење на правото, што е проблем и во самата ЕУ, и тоа мора да биде услов што ќе го исполнува секоја земја што сака да биде членка на ЕУ, додаде Адлеркројц.
Според него, руската агресија врз Украина одново го актуелизира прашањето за проширувањето на ЕУ, кое стана геостратешко безбедносно прашање и затоа Унијата мора да работи на спроведување на тој процес.
Адлеркројц истакна дека проширувањето е особено важно за земјите што се наоѓаат меѓу Унијата и Русија и се изложени на постојан притисок, како Украина и Молдавија, кои, според него, постигнале значителен напредок и покрај потешкотиите со кои се соочени.
– Сега мора да го утврдиме датумот за првите меѓувладини конференции, кој не треба да биде подоцна од јуни. Исто така, го поздравуваме и напредокот што го направи Босна и Херцеговина и се надеваме дека ќе ги исполни сите 14 поставени услови, изјави Адлеркројц, додавајќи дека е важно сите кандидати за членство да ја прифатат заедничката европска надворешна и безбедносна политика.