Во последните шест години Финска е позната како најсреќната земја во светот. Но, филозофот и психологот кој ги проучува основите на среќата, Френк Мартела, тврди дека Финците често се првите кои ја доведуваат во прашање оваа карактеристика.
„Нашата национална слика за себе е дека сме тивки, интровертни и малку меланхолични. Тоа навистина не е во согласност со тоа да се биде најсреќниот народ на светот“, изјави тој за ЦНБЦ.
Тој нагласува дека голем дел од нивното задоволство доаѓа од грижата на државните институции за нивните граѓани. Но, нивната култура и вредности исто така играат клучна улога во нивниот пристап кон животот и размислувањето за среќата. Тој објаснува дека тоа се гледа во овие четири фрази кои постојано ги користат.
1. „Кој има среќа нека ja сокрие“
Мартела истакнува: „Во Финска имаме тенденција да веруваме дека ако сте ја нашле среќата, не треба да ја покажувате. Ова е веројатно изненадувачки. Зошто треба да ја криете вашата насмевка кога светот се однесува добро со вас?
Оваа изрека, измислена од финскиот национален поет Еино Лејно, произлегува од скромниот национален темперамент.
“Овде се избегнува отворено прикажување на богатството и успехот. На пример, во Хелсинки, ретко ќе видите фенси или скапи автомобили на улиците. Човечки е да се споредуваме со другите, што често негативно влијае на нашата среќа”, објасни тој.
Меѓутоа, во Финска и другите нордиски земји луѓето не обрнуваат внимание на овие споредби и затоа се посреќни и позадоволни.
2. „Песимистот никогаш нема да биде разочаран“
Ова е стара финска поговорка без јасно потекло. Мартела вели дека Финците веруваат дека неуспехот е факт на животот.
„Ќе доживеете болка, разочарување, па дури и трагедија. Ова не е нешто од што се плашиме бидејќи знаеме дека ги имаме потребните алатки за емотивно да ги надминеме овие предизвици“, посочи тој.
Без оглед на нашата ситуација, секогаш има нешто што може да се подобри. Прифаќањето на овие неизбежни борби ќе не одржува активни и енергични дури и во тешки времиња.
3. „Секој си е ковач на својата среќа“
Ова е изрека која влече корени од антички Рим – „Faber est suae quisque fortunae“, но е доста популарна во Финска долго време, тврди психологот. Тоа нè потсетува дека сите ние треба да си ја градиме сопствената среќа.
„Иако секој мора да ја преземе одговорноста за сопствениот живот, истражувањата покажуваат дека нашата среќа често е резултат на луѓето околу нас. Колкава поддршка добиваме често одредува каде ќе завршиме во животот. Имајќи го тоа на ум, претпочитам изменета верзија на оваа фраза: „Секој е центар на сопствената среќа“, открива Мартела.
Затоа, за да успееме, потребни ни се нашите сопствени напори и поддршката од нашата заедница.
4. „Некои имаат среќа, сите имаат лето“
Ова е уште еден омилен фински израз кој се пренесува повеќе од сто години. Повеќето Финци разбираат дека иако постојат аспекти од животот на кои можат да влијаат или променат, има многу работи кои едноставно не можат да ги контролираат. Затоа, нема смисла да им завидувате на оние кои моментално се среќни.
„Понекогаш животот дава, а некогаш одзема. Ние Финците знаеме дека без разлика на ситуацијата, секогаш можеме да сметаме на едно: порано или подоцна, летото ќе ни дојде на сите“, заклучил психологот.