Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на Отворениот ден на Армијата во Штип заедно со штипјани ја одбележа 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и 75-годишнината од формирање на Алијансата.
Во изјава за новинарите министерката порача дека со членството во НАТО Северна Македонија е безбедна и сигурна земја, нашиот глас е слушнат, а нашиот придонес кон уште посилна колективна безбедност е почитуван и ценет.
„Армијата е во НАТО, но и НАТО стандардите се во Армијата. Минуваме низ сеопфатен процес на модернизација и опремување, но не забораваме дека подеднакво важна е инвестицијата во човечкиот капитал. Направивме голем исчекор и за припадниците на Армијата и за вработените во одбраната. Нивниот труд и местото во безбедносниот систем е валоризиран и ценет”, рече министерката.
Петровска порача дека настанот е уште една можност граѓаните да бидат поблиску до припадниците на Армијата, затоа што токму тие се оние кои ја гарантираат нивната безбедност и сигурност.
На отворениот ден голем број штипјани имаа можност да ја проследат музичката програма изведена од Воениот оркестар и одблиску да се запознаат со опремата, дел од вооружувањето, возилата на Армијата, меѓу кои и новиот JLTV оклопни возила, како и да ги видат вештините на припадниците на баталјонот на специјални сили.