Независноста на судството и суштинското значење кое го има во обезбедувањето на транспарентно и правично општество беше во фокусот на говорот на Агелер пред присутните во салата под куполата на македонското Собрание, каде што се одржува настанот, проследен со конференција на тема – „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“.
Честитајќи им го јубилејот на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и на нејзините колеги судии, американските амбасадорка подвлече дека шест декади ова тело е носител на виталната и нужна одговорност на чување и заштита на основните права на граѓаните.
„Овој суд е од суштинско значење за да се овозможи транспарентно и правично општество. Сите треба да ја почитуваат независноста на судиите, кои што треба да бидат слепи за политичките влијанија и јавните мислења и да бидат водени од начелата коишто се втемелени во нашите устави. Американскиот судија сè уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии коишто се под политичко влијание. Притисокот којшто е ставен на судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инсистираме тие притисоци да бидат елиминирани и тие судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и нивните мислења“ рече Агелер.
Независноста на судството рече таа е од суштинско значење од аспект на претстојните избори и само независни судии кои дејствуваат објективно и правично можат да го запазат владеењето на правото и да ги заштитат граѓаните.
„Јас имам слушнато од многу од вас за притисоците коишто се ставени врз вас. Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и се повеќе го бараат тоа“ порача Агелер.
Таа, честитајќи го јубилејот, му посака уште 60 продуктивни години на Уставниот суд во кои, како што рече, ќе ги запазува принципите врз кои се темели овој суд – правдата и правичноста.
„И ви ветувам дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ве поддржуваат во овие напори“ подвлече Агелер.