Утрински Весник
Свет

Ленарчич: Израел не презентираше докази за обвинувањата против УНРВА

Lenarchich.webp.webp

Највисокиот функционер на Европската унија за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич, синоќа изјави дека не видел докази од Израел како поткрепа за неговите обвинувања против персоналот на Агенцијата на ОН за палестински бегалци УНРВА (UNRWA), која треба да продолжи да игра „клучна“ хуманитарна улога во Појасот Газа. 

УНРВА, која обезбедува помош и услуги за палестинските бегалци во Газа и во целиот регион, е во криза откако Израел обвини десетина членови на персоналот за учество во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Поради овие обвинувања, најголемиот донатор на УНРВА, САД, како и некои други донатори, го прекинаа финансирањето, ставајќи ја иднината на агенцијата под прашање.

Шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци претходно кажа дека е внимателен оптимист дека некои донатори ќе продолжат да ја финансираат агенцијата, иако американските власти рекоа дека замрзнувањето на финансирањето на Вашингтон може да биде трајно поради противењето во Конгресот.

Ленарчич синоќа кажа дека ниту нему, ниту на некој друг член во Комисијата на ЕУ и донаторите на УНРВА, не им биле презентирани докази од Израел.

– Дури и ако тие обвинувања се покажат како вистинити на крајот на денот, тоа не значи дека УНРВА е сторителот, им соопшти тој на новинарите.

Во тој случај, Ленарчич смета дека индивидуалната одговорност би била посоодветна отколку колективната.

– УНРВА реагираше соодветно, веднаш, ефективно. Презеде неколку мерки. Има истрага. Има извештај, рече Ленарчич, додавајќи дека агенцијата на ОН и натаму ќе игра клучна улога во Газа бидејќи има најдобра инфраструктура, магацини, засолништа и логистички можности.

Здравствените власти во Газа вчера соопштија дека повеќе од 100.000 Палестинци се убиени или ранети откако Израел ја започна својата воена офанзива врз енклавата.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков