Британскиот крал Чарлс бара нов готвач. На веб-страницата на кралското семејство се појави оглас во кој се бара нов готвач за кралот, со една важна забелешка – кандидатот мора да сака да патува.
Иако новиот готвач главно ќе биде сместен во Бакингемската палата, тој мора да биде подготвен да патува и да готви во други кралски резиденции, како што се замокот Балморал и палатата Холирудхаус во Шкотска.
Што се очекува од кандидатот?
На новиот вработен во кралското семејство ќе му биде обезбедено сместување и оброци, а ќе се очекува да работи во успешен тим и да готви според највисоките стандарди, како и да креира сезонски менија користејќи производи од локалните фарми.
„Ќе работите со квалитетни состојки и ќе бидете одговорни за секојдневното подготвување и сервирање на храната за кралското семејство и персоналот“, стои во огласот на веб-страницата The Royal Household, каде исто така додаваат дека се очекува кандидатот да патува на други локации кога е потребно.
Во огласот беше посочено дека голем плус ќе биде искуството во ресторан со 5 ѕвезди, како и искуството во класична француска кујна, пишуваа дека платата е „конкурентна“, а апликациите се затвораат на 1 април.
Кралот Чарлс е спеифичен по прашање на храната
Она што потенцијалниот вработен мора да го знае е дека кралот Чарлс е многу специфичен за неговата храна. Цел живот се држел до квалитетна исхрана и вежбање, а познато е и дека не руча. Некогаш сакал да стане вегетаријанец, но на крајот решил да не јаде месо два дена во неделата, а еден ден во неделата да не јаде млечни производи.
По појадокот составен од овошје, јаткасти плодови, семки, варени јајца и шолја чај, Чарлс не јаде ништо до 17 часот кога со сендвич и колачиња пие чај, пренесува Телеграф. Чарлс, исто така, избегнува банкети секогаш кога е можно, и дома и во странство.
Тој патува со својот готвач за да ги намали шансите за труење со храна
Во огласот се наведува дека новиот готвач мора да биде спремен да патува, што е затоа што кралот Чарлс секогаш патува со својот личен готвач, за да го намали ризикот од труење со храна. Покрај тоа, кралот со себе носи и сопствена залиха на алкохол кога патува во странство, а омилен пијалок му е суво мартини.