Американскиот специјален обвинител задолжен за истрагата за задржувањето на доверливи документи од страна на Бајден денеска пред Претставничкиот дом ги бранеше неговите контроверзни оценки за понекогаш несигурното сеќавање на американскиот претседател за да ја оправда неговата одлука да се откаже од неговото гонење. Специјалниот обвинител Роберт Хур препорача во извештајот во февруари случајот да се отфрли, велејќи дека поротата не може да осуди „старец со лоша меморија“. Од опкружувањето на претседателот оценија дека неговите изјави се „штетни“ и „непримерни“. „Собравме докази дека претседателот свесно криел доверливи документи по завршувањето на неговиот мандат како потпретседател (2009-2017 година), додека бил обичен граѓанин“, изјави Хур во две комисии на Претставничкиот дом со републиканско мнозинство. „Мојата оценка во извештајот за соодветноста на меморијата беше неопходна, точна и оправдана“, посочи тој. „Не го разубавив моето објаснување, ниту неправилно го оцрнив претседателот“, рече Хур. Хур беше назначен за специјален обвинител во јануари 2023 година, откако доверливи документи од неговото време како потпретседател беа откриени во декември 2022 и јануари 2023 година во резиденцијата на Бајден во Вилмингтон, Делавер и во неговата поранешна канцеларија. Документите се однесуваат на американската воена инволвираност во Авганистан.