Коалицијата „Србија против насилство“ (СПН) подготви детален документ врз основа на предлозите на ПроГлас и граѓанскиот сектор во однос на изборните услови, кој вклучува формирање на независна комисија и како долгорочно решение, преодна влада по урнек на Северна Македонија, изјави денеска во име на оваа коалиција Радомир Лазовиќ на прес конференција во салата на Народното собрание, јави дописникот на МИА од Белград. Тој побара Собранието да формира посебна Комисија за организирање избори, во која ќе членуваат претставници на власта, опозицијата и граѓанскиот сектор, со надзорни и извршни овластувања. Долгорочно, тие предлагаат промена на законот, по примерот на Северна Македонија, и формирање преодна влада во која опозицијата би имала најмалку двајца министри, за внатрешни работи и за локална самоуправа. Тој истакна дека концептот на преодна влада во моментов е актуелен во Северна Македонија. -Телото што го предложивме треба да биде во функција до следните избори бидејќи можеби нема да има време да се направат промени кои би доведеле до преодна влада. Во наредниот период како долгорочно решение ќе предложиме од денот на распишувањето до денот на изборите да се создаде преоден дел од владата со две министерства предводени од опозицијата, за да можеме да кажеме дека имаме фер избори, објасни тој. – Избирачкиот список мора да се регулира, рече Лазовиќ и пред да се распишат следните избори ова прашање мора да се реши, односно да се овозможи тим од меѓународни и домашни претставници назначени од опозицијата да имаат увид избирачкиот список. Лазовиќ во име на СПН поднесе барање за целосна и независна ревизија на избирачкиот список, која би опфатила теренска контрола на избирачкиот список, во која би учествувала независна комисија според методологијата изработена од невладината Црта. Лазовиќ изјави и дека Собранието треба да донесе обврзувачки упатства за медиумите, за донесување нови програми, забрана на говор на омраза и лаги и надворешен надзор. Упатството треба да го подготви независна комисија за медиуми составена од претставници на професионални здруженија. Тој побара во информативната програма на РТС да бидат претставени релевантни политички групи. -Потребно е Собранието да донесе lex specialis кој би ги вклучил сите горенаведени мерки и да усвои извештај за наодите на ОДИХР кој ги вклучува препораките содржани во финалниот извештај на оваа мисија, а Владата на Србија да побара имплементацијата на сите барања наведени во овој документ и да доколку дојде мисијата на Европскиот парламент, таа може да учествува во контролата на овие мерки, рече Лазовиќ. Тој не сакаше да каже дали ќе ги бојкотира изборите додека не се исполнат барањата и очекува владата да се изјасни дали може или не да спроведе фер и чесни избори.