Во јавноста секојдневно излегуваат резултати од различни истражувања на јавното мислење пред претстојните претседателски и парламентарни избори.
Согласно рејтинзите од истражувањата и на парламентарните и на претседателските избори, засега води коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ. Нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова пак има незначително водство пред првиот ривал Стево Пендаровски.
Многу анкети и многу прашалници
Според резултатите од истражувањето на Центарот за Политички Истражувања и Комуникации (CRPC), во соработка со Здружението за новинарство, информирање, комуникации и маркетинг услуги „Глас на вистината“, на претседателските избори 18,2% би гласале за Силјановска Давкова, а 15% за Пендаровски, што разликата речиси е во рамките на маргината на грешка која за ова истражување е +- 3 проценти.
Ова е прва анкета откако се познати сите седум кандидати за претседател на државата.
Предноста од 3,2 процентни поени во корист на Силјановска Давкова кон Пендаровски е значително пониска од резултатите од досегашните истражувања пласирани во јавноста, а кои доаѓаат главно од истражувачки куќи кои имаат докажани релации со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пласитчно прикажано, ако во првиот круг за Силнаовска Давкова хипотетички гласаат 300.000 граѓани, тогаш 3,2% предност на анкети, значи едвај 10.000 гласови разлика во првиот круг.
Тоа е многу помалку од најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој често повторува дека разликата меѓу Силјановска Давкова и Пендаровски во првиот круг ќе биде околу 100.000 гласови во корист на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.
Но невозможно е да се избере претседател во првиот круг на изборите, па затоа во вториот круг, важна ќе биде широката поддршка и поголемиот коалициски капацитет.
Кој со какви карти ќе „игра“ во вториот круг?
Гледајќи ја сегашната поставеност и на кандидатите и на партите што ги кандидират, во подобра позиција е актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски.
За очекување е во вториот круг, Пендаровски да очекува поддршка од гласачите на ДУИ (но и партите околу ДУИ како ДПА и партиите на Аријатин Хоџа и Скендер Реџепи), како и на дел од гласачите на коалицијата ВРЕДИ кои во првиот круг би гласале за Арбен Таравари.
Имајќи предвид дека голем број од гласачкото тело на Максим Димитриевски излегуваат од шинелот на СДСМ и нивните коалициски партии, очекување е дека на контото на Пендаровски можат да се слее и сериозен контигент на гласови на партијата ЗНАМ.
По силните кавги со Христијан Мицкоски, не е за изненадување и дел од гласовите за Стевчо Јакимовски, но и за Данела Арсовска (која најави учество на парламентарните избори) исто така да се насочат за Пендаровски.
Во вториот круг, Силјановска Давкова со сигурност би можела да смета на гласовите од политичката Левица и можеби мал контигнент на гласови од партиите на Димитриевски, Јакимовски и Арсовска.
Во делот на албанскиот електорат, мали се шансите Силјановска Давкова да добие некоја посериозна поддршка.
Овие математики им се познати на сите политички партии, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ, па можеби и оттаму тврдењата на Мицкоски дека нивната кандидатка ќе има предност од 100.000 гласови во однос на Пендаровски.
100.000 освен недостижна разлика, создава и силен психолошки ефект кај гласачкото тело, па оттаму, за очекување е Мицкоски, раководството на ВМРО-ДПМНЕ но и агенции и медиуми блиски до нив, да продолжат со пласирање на наративот дека нивната кандидатка веќе е победник на претседателските избори и иден претседател на државата.