Утрински Весник
Македонија

Почнува Рамазанскиот пост – 24info.mk

20240310130808 Big 730x400 31.webp.webp

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 9 април. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1. 400 години.

Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 10 април е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите.

Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар. Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник. Во пресрет на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз.

Шаќир ефенди Фетаи истакна дека најголемата вредност на овој месец е постот на неговите денови, со што ја почитуваме Алаховата заповед со исполнување на еден од основните столбови на исламот. Со ова, посочува Фетаи, верникот во пракса го потврдува поврзаноста со својот Створител, ја подигнува свеста за доброто, мирот, солидарноста, грижата за човекот и ја реформира неговата личност, подготвувајќи го секогаш да биде во служба на доброто.

-Рамазанот и постот на неговите денови создава големо духовно задоволство за да бидеме што поблиску до милоста Божја, и ни дава можност да се обратиме кон Неговото Величество, со нашите најискрени молитви за опрост на нашите гревови и евентуални недостатоци, а истовремено во нас буди чувство на блискост, љубов, великодушност и меѓусебно помагање, вели Фетаи во пораката.

Поглаварот на ИВЗ на сите верници од исламска вероисповед им го честита почетокот на светиот месец Рамазан посакувајќи им силна верба во Бога, добра волја и висока свест за извршување на постот, молитвите и добрите дела.

-Имам особена чест, во име на Исламската Верска Заедница на Република Северна Македонија, и во мое лично име, на сите верници во земјата каде и да живеат и работат да им ги пренесам нашите искрени честитки по повод почетокот на светиот месец Рамазан, посакувајќи ви силна верба во Бога, добра волја и висока свест за извршување на постот, молитвите и добрите дела, основајќи се на зборовите на Мухамед (с. а. в. с) кој рече: „Кој го пости месецот Рамазан со искрена верба, верувајќи дека од Семоќниот Алах ќе добие голема награда, ќе му бидат опростени сите негови претходни гревови.

“ Нека ни е честит светиот месец Рамазан. Алах да ве благослови!, посочува поглаварот на ИВЗ, Фетаи во видео пораката по повод почнувањето на светиот месец Рамазан.

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија