Невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со ДиTеПер вакцината од утре нема да се примаат во детските градинки. Здравствените инспектори почнуваат со вонредни контроли. Забраната и контролата важи и за приватните детски градинки. Вработените во предучилишните установи ќе имаат обврска да изготват списоци со имињата на сите невакцинирани деца. -Решенијата за забрана ќе ги издаваме на правниот субјект односно на градинките. Додека детето не се вакцинира со ДиТеПер и не ги прими дозите нема да смее да посетува градинка, со цел да го зголемиме опфатот на вакцинација и да го заштитиме здравјето на децата. Забраната важи и за државните и за приватните детски градинки подеднакво – вели Рената Младеновска директорка на ДЗСИ. Вонредните контроли на здравствениот инспекторат доаѓаат по препорака на Комисијата за заштита од заразни заболувања и одлука на министерот за здравство со цел да се спречи ширењето на епидемијата со пертусис. Лекарите велат дека ваквите мерки се потребни за да може да се стопира големата кашлица…. Предупредуваат дека болеста е најопасна токму за најмалите деца кај кои може да даде и потешки компликации.