„Граѓаните кои го отпочнаа процесот сведочат дека првата фаза од постапката се завршува за неколку минути, целосно електронски. Нема потреба од одење по шалтери и по институции во било која од трите држави“, изјави Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
Тој додаде дека на пример, ако граѓанин од Врање е заинтересиран за работа во некоја кумановска компанија која отвора нови работни места, најпрво тој треба да отиде на веб сајтот на српската Е- управа, да извади електронски Идентификациски број за Отворен Балкан. Понатаму со тој број, се логира на македонскиот портал за Е-услуги и таму аплицира за сертификат за слободен пристап до македонскиот слободен пазар на труд. Тука следи еден чекор кој што подразбира проверка од безбедносен аспект, а таа активност е во надлежност на македонското Министерство за внатрешни работи.
МВР го проверува тој апликант низ стандардна безбедноста постапка, што не смее да трае повеќе од 30 денови. Штом стигне одобрувањето од МВР, на апликантот по автоматизам му се издава сертификат за слободен пристап до македонскиот пазар на труд, после што може да пристапи кон аплицирање за работа во посакуваната компанија. Со издавање на сертификатот лицето добива и автоматска дозвола за престој во државата за која аплицира во времетраење од две години“, потенцираше Забрчанец.
Тој заклучи дека од моментот на наоѓање работа и склучување договор со работодавецот, натаму по однос на работнички права, пензиско, здравствено осигурување, начин на исплаќање на плата и слично, продолжуваат да важат сите правила и легислативи на националното законодавство. Во тие делови нема никакви промени, се останува како што било и до сега.