По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март денеска во Брисел во организација на неколку белгиски синдикати се одржува Национален ден за акција посветена на промоција на заштитата на правата на жените и на нивно поголемо учество во јавниот живот.
Во рамки на активностите по повод 8 Март предвидени се собири и манифестации на неколку локации во центарот на градот.
Бриселското јавно транспортно претпријатие СТИБ соопшти дека очекува „големи нарушување“ на јавниот превоз во Брисел, поради учество на дел од неговите вработени во манифестациите на Денот на акција. Дополнително, манифестациите во центарот на градот се очекува да предизвикаат нарушувања и прекини на неколку автобуски и трамвајски линии.
– Иако не е можно прецизно да се предвиди обемот на манифестациите и нивното влијание врз сообраќајот на автобусите, трамваите и метрото, СТИБ очекува сериозно нарушување на неговата транспортна мрежа, се наведува во соопштението на претпријатието.
Поради ова, СТИБ апелира граѓаните, колку што е можно, да планираат алтернативни решенија за јавниот превоз.
Од друга страна белгиската железница СНЦБ информира дека не очекува проблеми функционирањето на железничкиот сообраќај, но сепак се можни поголеми навалици во локалните возови во Брисел поради најавените прекини во јавниот превоз.