Во интервју за српскиот весник Данас, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев беше запрашан за борбата против илегалната миграција во Северна Македонија и за потпишаниот Договор помеѓу албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони. „Миграцијата е динамичен и сложен процес над кој е тешко да се воспостави контрола доколку нема соработка на европските земји. Затоа, партнерството и размената на информации меѓу земјите се клучни. По миграциската криза од 2015 година, која се почувствува на светски размери, можам да кажам дека миграцијата е на општествено-политичката агенда на многу земји. Северна Македонија е транзитна земја. Мигрантите доаѓаат преку соседните земји, Бугарија и Грција. Станува збор за лица претежно од ранливи категории на кои им е потребна меѓународна заштита”, образложи Бојмацалиев. Притоа рече дека потребен е европски одговор во однос на сузбивање на илегалната миграција. „Потпишувањето на договорот меѓу Еди Рама и Џорџа Мелони за сместување на мигранти од Италија во Албанија е дел од заедничкиот европски одговор во борбата против илегалната миграција. Претставува значаен чекор кон справување со миграциската криза во регионот на координиран и хуман начин, а уште повеќе, ја покажува важноста на меѓународната соработка и солидарност во справувањето со глобалните предизвици поврзани со миграцијата. А токму нашите напори како држава и министерства континуирано ја зајакнуваат соработката со соседните земји, ја подобруваат граничната инфраструктура и технологија, како и ги зајакнуваат капацитетите за управување со миграцијата”, рече Бојмацалиев, надополнувајќи со напредокот на нашата држава по однос на ова прашање. „Имавме слаби капацитети за борба против оваа појава, но од 2015 година, по низа мерки и активности, успеавме да станеме лидер во борбата против миграцијата на регионално ниво. Овде за нас беше од големо значење потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, како прв договор меѓу ЕУ и Северна Македонија, кој беше потпишан на македонски јазик. Од оперативна гледна точка, сепак, беше важно да се биде подобро подготвен за контрола на миграциските текови, со цел да се придонесе за регионалната и националната безбедност како клучна за севкупната европска безбедност”, рече Бојмацалиев. Притоа, тој сподели статистика во однос на резултатите на МВР во делот на спречување на илегална миграција и криумчарење мигранти. „Бројот на спречени обиди за илегално преминување во изминатата 2023 година покажува намален тренд и продолжува со ист интензитет од почетокот на 2024 година. Но, незаконското движење и затајувањето на полициските проверки и контроли често се успешно покритие за криминалните структури кои создаваат мрежи на соработници долж трасата за извршување на разни криминални дејствија, поради што мора постојано да бидеме будни и на ниво. Граничната полиција во периодот од 1 јануари до 29 февруари 2024 година спречила вкупно 1.619 обиди за илегални преминувања на границите со соседните земји. Откриени 16 случаи на криумчарење мигранти, спречен е криумчарење на вкупно 104 мигранти, а против 14 лица се преземени мерки за кривично гонење за сторени 11 кривични дела „криумчарење мигранти””, рече Бојмацалиев. Бојмацалиев уште еднаш потенцираше дека успехот во делот на сузбивање на илегална миграција се должи на соработката со сите страни. „Уште еднаш ќе повторам, успешното управување со миграцијата зависи од заедничката соработка со сите страни – земјите на транзит, земјите на потекло и земјите на дестинација. Сепак, подготвени сме да ги прилагодиме нашите активности и да ја зајакнеме соработката со соседните земји, агенциите на ЕУ и ОН, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), но и бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, како што се Салцбург, Будимпешта, Прашкиот процес, Заедничката координативна платформа, Програмата за гранична безбедност на DCAF. Нашата цел особено во областа на враќање и реадмисија е да иницираме договори за реадмисија со други земји на потекло во Азија и Африка, но и да ги потврдиме постоечките иницијативи за склучување договори”, рече Бојмацалиев.