Утрински Весник
Свет

ОН: Има убедливи докази за сексуално насилство и групно силување на Хамас за време на нападот врз Израел

Pripadnici Na Voenoto Krilo Na Hamas Vo Beit Hanun Vo 2014 Godina Fotografi A Epa Mohamed Saber 1536x1024 1.jpg

Истражниот тим на ОН заклучил дека има „убедливи докази“ дека сексуалното насилство, вклучително и силувањето и групното силување, било извршено за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, пишува Би-би-си.

Исто така, се вели дека има „убедливи информации“ дека заложниците биле изложени на сексуално насилство. Истрагата ја водеше Прамила Патен, специјален претставник на ОН за сексуално насилство во конфликти.

Хамас ги отфрла обвинувањата дека негови членови сексуално напаѓале жени за време на нападот.

„Утврдено е дека постојат разумни основи да се верува дека сексуалното насилство поврзано со конфликти се случило на повеќе локации за време на нападот на 7 октомври“, се вели во извештајот на ОН. Ова се случило на најмалку три локации, на местото на музичкиот фестивал и во околината, се додава во извештајот.

Вооружени членови на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, а при нападот беа убиени околу 1.200 луѓе, а 253 лица беа земени како заложници од Хамас. Израел одговори со воена офанзива во Газа, при што загинаа најмалку 30.500 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.

Извештаите за сексуално насилство извршено од Хамас почнаа да се појавуваат веднаш по 7 октомври, со споменати докази за силување, сексуално насилство и женско осакатување.

Во извештајот на ОН се наведува дека „нашле јасни и убедливи информации дека сексуалното насилство, вклучувајќи силување, тортура, сурово, нечовечко и понижувачко постапување, било извршено врз заложниците“. Исто така, се вели дека „постојат разумни основи да се верува дека ваквото насилство можеби е во тек против оние кои сè уште се во заробеништво“.

Истражниот тим на ОН беше во Израел помеѓу 29 јануари и 14 февруари. Десет членови на тимот собраа и потврдија обвинувања и наводи за сексуална злоупотреба, соопштија ОН. Одржани се 33 средби и со претставници на Израел, а прегледани се повеќе од 5.000 фотографии и 50 часа видео.

Во извештајот се вели дека „и покрај заедничките напори да се охрабрат“ жртвите да сведочат, тимот не можел да интервјуира ниту една од нив. Некои наводи за силување и сексуално насилство не можеа да се проверат или беа „неосновани“, се објаснува во извештајот.

„Израел го поздравува конечното признание дека Хамас извршил сексуални злосторства“, рече Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, како одговор на објавувањето на извештајот. Тој додаде дека Израел сега „повикува на итно свикување на Советот за безбедност на ОН со цел Хамас да се прогласи за терористичка организација и да се воведат меѓународни санкции против нив“.

Истовремено, Хајат го отфрли извештајот на тимот на ОН за наводите за сексуално насилство врз палестински мажи и жени во затворите, за време на претреси на куќи и на контролни пунктови по 7 октомври. „Тоа е потсмев и намерен палестински маневар да се создаде неподнослива равенка помеѓу ужасните злосторства извршени од Хамас и злонамерните и неосновани тврдења против Израел и Израелците“, рече тој.

Израел ги отфрли сличните обвинувања претходно изнесени од тимови на независни експерти на ОН, нарекувајќи ги „одвратни и неосновани“. Хајат, исто така, рече дека Израел се противи на препораката од извештајот дека Израел треба да соработува со меѓународната истражна комисија на ОН, која се обидува да ги истражи потенцијалните воени злосторства од сите страни. Тој ја обвини истрагата дека е непријателска кон Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи го критикуваше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш што не го свика Советот за безбедност за да разговара за наодите на истражниот тим и да го прогласи Хамас за терористичка организација. Тој ги обвини ОН дека „се обидуваат да ги замолчат извештаите за масовни силувања“.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години