Утрински Весник
Свет

Хаити: Стотици затвореници избегаа од затвор

9e09b6e7c22c44dd94a91f220efc05d2.webp.webp

Стотици затвореници побегнаа од државниот затвор во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс.
Бегството се случило откако во саботата избиле судири меѓу вооружените банди и полицијата, изјави извор од органите на редот.

Еден од полициските синдикати побара на платформата X сите полицајци во главниот град на Хаити да помогнат да се одржи контролата врз затворот.

Полицискиот синдикат предупреди на опасноста избеганите затвореници да го зголемат насилството во Порт-о-Пренс.

Извор од органите за спроведување на законот рече дека банди нападнале повеќе полициски станици низ градот од четвртокот, при што убиле најмалку четири лица, а некои од станиците биле запалени.

Пукањето во близина на аеродромот во четвртокот ги принуди авиокомпаниите да ги прекинат летовите.

Повеќе безбедносни извори во Порт-о-Пренс изјавија за Си-Ен-Ен дека последниот наплив на насилство, кој започна во четвртокот и беше насочен кон полициските станици, меѓународниот аеродром и централниот затвор, е без преседан во последниве години.

Водачот на бандата на Хаити „Г9“, Џими Шеризиер, во петокот изјави дека ќе продолжи да се обидува да го собори премиерот на Хаити Ариел Анри.

Шеризиер побара од полицијата и армијата, како што наведе, да ја преземат одговорноста и да го уапсат Анри.

Според претходниот договор, Анри се обврза да одржи избори и да ја пренесе власта до 7 февруари.

Американската амбасада на Хаити во петокот издаде безбедносна тревога, предупредувајќи на пукотници и прекини во сообраќајот во близина на домашните и меѓународните терминали.

Хаити е зафатен од бран немири и насилство од банди во последниве години.

Завојуваните банди контролираат голем дел од Порт-о-Пренс, задушувајќи ги виталните линии за снабдување, а повеќе од 300.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови поради бранот убиства, киднапирања, подметнати пожари и силувања.

Околу 1.100 луѓе беа убиени, повредени или киднапирани само во јануари, месецот во кој имаше најмногу насилство во последните две години.

Можете да прочитате

Израел нападна цели на Хезболах во Либан

Украински дронови нападнале магацин за нафта во Курската област по што избувнал пожар

Боксерскиот тренер на Самоа почина во Олимпиското село во Париз